Една британска двојка сака да ја изгради својата куќа од сон во зелен малезиски рај опкружен со оризови полиња. Желбата ја реализирале со помош на луѓето од архитектонското студио WHBC од Куала Лумпур, кои одлучиле да дизајнираат типична малезиска дрвена куќа, но со употреба на користени дрва и стари телефонски столбови!
Изградбата на куќа од користено дрво е честа појава во Малезија, а бидејќи клиентите сакале да употребат дрво, архитектите одлучиле да искористат стари телефонски столбови од полно дрво, кои претходно го издржале тестот на носивост.
Модерниот призвук во контекст на дрвото претставува поплочениот простор на горниот кат и деталите од темен челик од кои се направени и вратите и прозорците. Во приземјето, кое заради бетонскиот под има индустриски изглед, се наоѓа кујна со стаклени лизгачки врати, а неколку чекори понатаму сместени се базен и лежалки. Заради начинот на градењето, куќата има природна климатизација и затоа престојот тука е удобен, дури и за време на летните горештини.