Ако веќе не можеме да живееме во природа, тогаш може да ја донесеме во нашиот дом. Ова води кон многу од денешните проекти за домување кои вклучуваат зелени фасади, или голем број дрвја и растенија. Урбаните области треба да го зголемат зеленилото, а неодамна завршената куќа во Виетнам го поддржува ова. Оваа куќа наречена „Bat Trang“ зафаќа површина од 720 квадратни метри и е дом на седумчлено семејство.
Се карактеризира со фасада од керамичка тула која помага да се одржи пријатна клима внатре, но и многу зеленило, во кое доминираат дрвјата. Куќата се наоѓа во делот што му припаѓа на главниот град Ханој и е познат по својата керамика. Според традицијата во селото, сопственикот на куќата е специјалист за керамика, па инспирацијата на VTN Architects потекнува од тоа што надворешната фасада ги има токму овие елементи по кои е позната областа.
Изгледот на самата куќа е доста импресивен бидејќи фасадата е „пресечена“ со празнини кои помагаат во циркулацијата на воздухот низ внатрешноста. Голем број на растенија и дрвја се засадени во внатрешноста на куќата, што исто така обезбедува удобност, затоа климатизацијата не е потребна. На врвот има зелен покрив. Преовладува минималистички стил кога станува збор за дизајнот на ентериерот.
Големи стаклени панели се инсталирани без страв дека куќата ќе се прегрее, бидејќи директната сончева светлина се филтрира од два слоја – керамичка фасада и фасада направена од зеленило. Шуплините во керамичките sидови овозможуваат воведување на точно колку што е потребно сончева енергија, особено во лето. Поради овие „слоеви“, климатизацијата би била непотребна. Кога станува збор за заштеда на енергија, инсталирани се соларни панели, како и систем за собирање дождовница. Дождовната вода се користи за наводнување на зеленилото.
„Bat Trang“ е распослан на пет ката. Во рамките на приземјето и првиот кат има изложбен простор за изложување на садовите на сопственикот. На горните катови има дневни соби, кујна, тераси, работна соба, трпезарии и спални соби. На една од терасите има базен.