Имајќи желба да живее во помал дом, на само еден блок од сопствената куќа во западно Торонто, музејската кураторка Alexandra Palmer му пристапила на студиото LGA Architectural Partners со цел да ѝ помогнат при дизајнот на нејзиниот нов дом, употребувајќи скромен буџет и современи архитектонски ставови.
Основниот приоритет при конципирањето на дизајнот подразбира едноставност и практичност, реализирани преку проектирањето на трапезоидна кутија која го максимизира корисниот простор на тесното земјиште. Фронталната и задната фасада го задржуваат истиот израз, покриени со панели од кедар, додека страничните фасади се обработени во темни цементни плочи, со цел визуелно да се оддели приватноста на објектот од изделениот коридор.
Со цел да се создаде спацијален ентериер како контрадикција на малата парцела и скромниот фронтален израз, архитектонското студио LGA Architectural Partners применило бројни стратегии и тактики. Просторот е огранизиран како отворена основа со рационална организација на програмските содржини, без преоптеретено затворање на просторот.
Целокупниот ентериер артистички ја балансира љубовта на сопственичката кон колоритот и текстурата со нејзината потреба за добивање на неутрални и чисти простори, каде би се потенцирала колекцијата на книги, уметнички дела и артефакти.
Мебелот како и антиквитетите се донесени од поранешниот дом на кураторката, оплеменувајќи го новиот и современ распоред.
Како целина, објектот претставува игра на контрасти помеѓу старото и новото, суптилните и јасно изразени детали, динамиката и практиката, минимализмот и просторноста…