Сместена во малото австриско гратче Бахлберг, во непосредна близина на шумското пространство, со непречен панорамски поглед кон алпските планински врвови, куќата B.A.B.E претставува проект на конверзија на поранешна планинска куќа во современ дом со три станбени единици.
При конципирањето на проектот оригиналната структура била целосно срушена и проширена со дополнтелен кат, како и ротирана со цел соодветно да се оптимизираат визуелните полиња кон опкружувањето.
Фасадната обработка од сива керамида, изведена од азбестов цемент придонесува за монолитниот и скулптурален карактер на архитектонскиот израз, збогатен со ритмична дистрибуција на отворите за прозорците, лоѓиите и терасите.
Трите станбени единици кои ја дефинираат внатрешноста се меѓусебно диверзибилни и нивната искористена површина варира од 140 м2 до 200 м2.
Како најимпресивен сегмент од објектот се издвојува станбената единица на поткровјето организирана со целосно отворен дневен престој, кујна и трпезарија, чија висина достигнува до 6,5 м, закосена кровна покривка и галерија.
Масивното отворено огниште, поставено на бетонска база, со груба обработка, претставува архаичен фокус во просторот, редуциран од секакви детали.
Покрај главната просторија која ја опфаќа и галеријата, влезниот простор и бањата се индивидуално дизајнирани, со цел да се задоволат барањата на клиентите.