Архитект Крсте С. Џидров – Џиби е роден во 1950 година во Скопје, каде завршил основно училиште, гимназија и дипломирал архитектура на Архитектонско-градежниот факултет, кај професор Борис Чипан.
Од 1980 до 2004 како архитект проектант, работи во АД Алумина, во почетокот во службата за пропаганда, а потоа во проектантското биро и работи на проекти за фасади, според производната програма на Алумина, за објекти во Македонија, СФР Југославија, Бугарија, Романија, Албанија, Русија, Алжир, Кувајт. Овој дел од работата го третира како „стручен сервис“ на колегите архитекти проектанти за квалитетно реализирање на нивните проекти.
Од 1976 до 1990 е дел и член на архитектонско-проектантската група АЈВАР и работи на десетина проекти: училиште, музеј, административни објекти, библиотека, спортски сали, гробишта, хотели и друго.
Тој во периодот од 2002 до 2020 е технички директор на Детскиот театарски центар, (поранешно кино „Напредок“ во Старата скопска чаршија).
Во 2003 е избран за доцент на Факултетот за драмски уметности, предмет сценографија за театар и филм.
Од 2005 Џидров по одењето на АД Алумина во стечај, станува „фриленсер“ и има статус на слободен уметник.
Работи сценографии за театар, филм, телевизија и др. Работи и графички дизајн, плакати, пропаганден материал, уредување саемски изложби, уметнички поставки и разновидни манифестации.
Крсте С. Џидров е присутен во македонскиот театар од 1970 година, на почеток како актер во авангардната и култна театарска група „Театарот кај Св. Никита Голтарот“, а подоцна од 1980 година е член во Театарската работилница ФФ, при Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1982 година режисерот Владимир Милчин заедно со Симе Узуновски ги ангажира како сценографи во Театарот на народностите – Албанска драма, во претставата „Бовча“. Оттогаш до денес, Џидров е присутен како сценограф, овде започнува неговиот интерес и љубов за сценографијата и никогаш не завршува. Работел на 160 претстави во 33 театри со 44 режисери во десетина држави. Тој за сценографските ангажмани е „сценограф на повик“, бидејќи никогаш не бил вработен во театарска установа!
Добитник е на голем број награди за сценографија во земјава и регионот, а добитник е и на повеќе награди на БИМАС. Како круна на неговата кариера ја доби Наградата за животно дело на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што од 1 до 8 октомври оваа година се одржа во Прилеп.
Порта 3 со задоволство му ја честита наградата.
НУ Театар Битола, „Кралот Иби“, режија В. Милчин
Морам да признаам, импресивна и многу разнолика професионална биографија. Мислам дека сте најпрепознатлив како театарски сценограф. Дали кога запишавте архитектура имавте желба да се занимавате со сценографија?
Пред сè благодарност за честитките на Порта 3, по повод добиената Награда за животно дело на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и поканата за ова интервју!
Кога млад човек одлучува да го продолжи своето школување на некој факултет освен општиот впечаток и информација за тоа што ќе учи т.е. студира другото е непознато, што од тоа што ќе го добие како знаење ќе го заведе и во кој превец ќе се одвива професионалното ангажирање.
На Архитектонско-градежниот факултет се запишав во 1969 година и тогаш сите кои се пријавивме да студираме бевме генерација која расте во постземјотресно Скопје, кога се појавија некои светски архитекти кои учествуваа на конкурсот за урбанистичко уредување на централното градско подрачје. Бевме една многубројна генерација на запишани студенти, поради слободниот упис, и наставата и вежбите се одвиваа во две смени! Тогаш немав некои поблиски врски со театарот освен како гледач. Со следните години во своите слободни активности заради некое „офф“ ангажирање станав член на „Театарот кај Св. Никита Голтарот“, кој веќе беше култна група која ја водеа режисерите В. Милчин и С. Унковски каде бев актер. Тогаш почнав да се „заразувам“ со појавата наречена театар која ми стана дел од моите креативни преокупации. Последица од оваа театарска зараза беше изработката на мојата дипломска работа „Мобилен патувачки театар“.
„Бовча“
Бидејќи сите работи кои беа потребни за реализација на претставата ги правевме сами се вклучив во она што знаев да го работам, изведба на реквизити и елементи за сценографијата и костимите, кукли, правење плакати и програмчиња и работа со боја… Можеби тоа беа некои од најавите за работа на сценографија, но тоа како идеја се појави десетина години подоцна (1979 – 1980 год.) кога се оформи „Театарската работилница ФФ“, попозната како „Зелената гуска“, при Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет. Таму мојот ангажман заедно со архитектите Симон Узуновски, и Слободан Живковски, и академскиот сликар Драган Петковиќ, беше исклучиво во делот на смислување и реализација на сценографијата која сега беше поконкретна (пред сè подвижна сцена, кулиси, елементи во простор, реквизити, костими, плакати и сл.), за разлика од тоа што го правев во „Голтарите“. Е тука режисерот Милчин ни даде можност, мене и на Симе да се обидеме да направиме сценографија за претставата „Бовча“ од Е. Бонд во „прав професионален театар“ – Театарот на народностите на Албанската драма во Скопје. Тоа беше во 1982/1983 год. И на фестивалот МТФ „Војдан Чернодрински“, таа 1983 година ја добивме првата награда за сценографија. Тогаш почна мојот професионален почеток на занимавање со сценографија.
„Бовча“
На Архитектонскиот факултет сценографија не се учи. Режисерот Владимир Милчин, човекот со кого најмногу сте соработувале, ќе рече: „Со појавата на Крсте С. Џидров се покажа дека образованието архитект во областа на сценографијата е предност, при што нему му овозможи полесно совладување на просторот, како и поинаков начин на изведбата на сценографијата-декорот-кулисите“. Каде го учевте занаетот и колку тоа што сте архитект Ви помогна да ги совладате предизвиците?
За да правиш сценографија потребно е да има текст-драма која е предлог за претстава и оттаму произлегуваат историскиот и временскиот период во кои се одвива дејството, потоа дали е во ентериер или отворен простор, или се случува и во различни простори итн. Битно во сето тоа е и концепцијата, а и режисерот кој има некаква своја визија за тоа каде и како ќе се одвива дејството, бидејќи понекогаш се занемарува она што е во текстот како простор на случување. Е, кога почнавме со Симе да ја пакуваме сценографијата за „Бовча“, која ја дефиниравме како простор заедно со режисерот Милчин, немавме поим како тоа се презентира со цртеж, скица, димензии и слично. Добивме штура информација дека тоа се прави со сликарски цртеж, каде се гледа сè што треба, ѕидови, сценографски елементи, претставено со боја. За димензионирање се користи летва со метар и тогаш сценскиот работник шета по сцената, а сценографот ја одредува позицијата на кулисата и со покажување до која висина треба да биде димензионира спрема метрото на летвата! Тој процес се нарекуваше „планировачка проба“, што ме збуни бидејќи не разбирав што е, па ми го објаснија она што претходно го кажав… Ние сфативме дека тешко ќе се разбереме во работилниците за изведба на декорот и бидејќи и двајцата сме архитекти, седнавме на нашите цртачки маси и покрај слободорачните цртежи, направивме комплетен проект со основа на сцената, изгледи и пресеци и димензионирање на сите елементи од сценографијата и предмер на материјалите од кои ќе се изведува. На крај направивме и макета за полесно да се види идејата и како треба тоа да изгледа. Тоа ги збуни сите кога видоа папки со проект и макета, но сфатија дека можеби тоа е начинот на кој нешто треба да се прави! Тоа значеше нов начин на прикажување проект за сценографија! Другите работи ги учев во „од“ со мајсторите во работилниците, сликарите, а највеќе од сценските работници, кои ги знаат триковите за монтажа на декорот, функционирање на сценските машини, ротација, чиги (лифтови),продори низ подот на сцената, движење на кулисите и многу други „штосови“. Во таа прва сценографија поставивме посебна просторна условеност за актерите бидејќи имаше река дијагонално поставена на сцената во која пловеше скела, два раздвоени брега, беа употребени и материјали кои дотогаш не беа видени на сцената: пластика, камен, пластични туби специјално дизајнирани извори на светло и… затоа режисерот Милчин ќе констатира дека: „Со појавата на Крсте С. Џидров се покажа дека образованието архитект… во областа на сценографијата е предност“.
Дали кога работите сценографија се фаќате како пред сè размислувате како архитект? Влијаат ли некои значајни архитекти и дела на вашите сценографии?
Хм, еднаш изјавив и сè уште го мислам тоа дека занимавањето со сценографија е интензивно занимавање со архитектурата!
Двете работи одат испреплетено, читаш, го откриваш сугерираниот простор, драмата, дејството, просторот во кој се движат актерите, а потоа правиш своја имагинација. Размислувам за амбиентот кој би го сугерирал со употреба на формата, изборот на материјалот, бојата, какво светло да се употреби, за наметливоста на декорот во просторот да не го фрли во сенка дејството, односно играта на актерите и сл. На крај при реализацијата сепак одучува архитектонскиот концепт.
Како архитект и сценограф морам да имам познавања од многу области од културата, актуелности од архитектурата и театарот, трендови и хитови, да ја следам модата. Во делот на влијанијата на значајни архитекти кои влијаат на она што го работам се пред сè делата на великаните архитекти, Корбизје, Виктор Гропиус, Мис ван де Рое, и посмодернистите Паоло Портогези, Рикардо Бофиљ, Браќата Криер, посебно Ото Фрај,
Алдо Роси, Норман Фостер, Ренцо Пиано, движењето Артроподс, групата Архиграм и јапонските архитекти Изосака и Минору. Од уметноста влијанијата ми се од Енди Ворхол, Роберт Раушенберг, Рој Лихтенштеин, посебно од Кристо Јавашев, руската авангарда и конструктивизам, Ешер, Пиранези и др. Најважни за успешноста во работата се имагинацијата и креативноста. Сепак за да работиш сценографии потребна е љубовта кон театарот.
„Балкан експрес“
Веќе со децении кај нас стана пракса инвеститорите да се мешаат и да знаат повеќе од архитектите. Прекрасниот свет на сцената дава ли поголема можност за имагинација, кретивност, слобода? Се мешаат ли режисерите како и инвеститорите?
Сцената дозволува сè што ќе замислиш, а да е во рамки на техничките можности да се изведе. Затоа еднаш за она што го работев критичарката Л. Мазова напиша:
„Во сценографиите кои ги слика и обликува сценографот обединети се слободата на креацијата и мајсторството на реализацијата. Просторот на сцената е оформен со креации во чија изработка се употребени материјали како плексиглас, пластика, камен, песок, вода, метал, дрвени струготини. Во тој простор се движат актерите осветлени од светлосниот парк на театарот и од нови идеи и креации.“
Режисерот е логично да учествува во работата со свои потребни забелешки, кои влијаат на неговата работа со актерите. Директорите на театрите многу ретко интервенираат во уметничкиот дел, но се вмешуваат во она што е буџет на претставата во делот на сценографијата и на секој начин се трудат тоа да биде поевтино и на некој начин да се заштедат некои средства за да им послужат за реализација на нешто за што не добиле пари! Многу ретко дозволувам заради овој нивен стил да страда реализацијата на сценографијата.
„Подемот и падот на кабарето“
Сте работеле сценографии заедно и со вашите пријатели, исто така архитекти и сликар (со Узуновски, Живковски, Петковиќ). Има ли кај нас и други архитекти кои се занимаваат со сценографија, кои Ве консултираат и учат занает од Вас?
Од она време кога почнав да се занивамам со театарска сценографија во осумдесетите години во тогашна Југославија веќе повеќе колеги архитекти се занимаваа со сценографија и беа веќе афирмирани и работеа во многу театри. Меѓу нив најпознати беа: Мета Хочевар, Миодраг Табачки, Марина Чутурило и други и ги освојуваа првите награди на театарските фестивали. Кај нас исто така има архитекти кои се занимаваат со сценографија и тоа Валентин Светозарев од Битола, кој е еден од најуспешните и најпродуктивен и еден помлад колега Филип Јовановски, исто така од Битола. Учењата за сценографија кај овие колеги се многу слични со моите искуства. Инаку сме во суперколегијални односи!
„Мост“
Која сценографија Ви е најдрага, а со која највеќе се измачивте?
Посебни или најсценографии ми се: „Бовча“, „Натемаго на Филозофскиот факултет“, „Бакхи“, а исто така не можам да не ги споменам и „Коските што доаѓаат доцна“, „ЦЗ“, „Медеја“, „Ревизор“(Сараево), „Силфида“ (балет), „Прст“, „Подемот и падот на кабарето“, „Нашиот клас“, „Сомнително лице“, „Хармс случки“, „Револвер“, „Злосторство на 21 век“, „Пантаглез“ и „Вишновата градинка“. Знаете, секоја сценографија е оригинална и секоја има своја убавина! Дали сум се измачил посебно со некоја не би можел да наведам бидејќи сите имаат слични проблеми и најголем проблем е кога не пристигаат средствата за набавка на материјалите за реализација.
„Хармс случки“
„Пантаглез“
Љубител сте и чувар на уметноста и културата. Па така на Музејот на современа уметност дониравте серија концептуални дела од циклусот„Белешки“ на Вашиот добар пријател, починатиот уметник Симон Узуновски (1949 – 2018). Колку е значајно да ги чуваме и почитуваме вредностите?
Во врска со донирањето на концептуални дела од циклусот„Белешки“ на мојот другар Симон Узуновски во МСУ ќе ја цитирам еминентната ликовна критичарка Соња Абаџиева:
„Уметникот Симон Узуновски, еден од пионерите на уметничките интерактивни инсталации во Македонија беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години живееше и работеше на италијанскиот остров Капри. Од овој период датираат и неговите ‘Списоци’ (1975), обични анотации кои, речиси, секој од нас ги пишува на мали ливчиња, пред да ги направи секојдневните набавки. Издигнувањето на списочињата, од најтривијални дневни дребулии, на ниво на ликовни концепти, е во природата на транслацијата на редимејдите во ликовни дела. Во случајов Узуновски е повеќе на страната на хоризонтализацијата на претставата особено за сликата, отколку на ниво на третата димензија“.
Во врска со моето донирање, јасно е дека заради значајноста на овие дела, требаше да бидат дополна на збирката на Симе во Музејот на современа уметност во Скопје.
Чувањето и почитувањето на вредностите од кој било вид е многу важна работа, бидејќи ја покажуваат историјата, идентитетот на луѓето и државата во која живееме, ги чува спомените и корените на оние кои овде живееле и твореле. Во оваа наша држава очекувам еден ден да го основаме Музејот на архитектурата за да може памтењето на нашето дело да биде трајно.
„Ревизор“(Сараево)
Во 2005 година бевте известител и организатор на Анкетниот конкурс за Старо-новиот театар (денес МНТ). Се отвори ли тогаш Пандорината кутија и ни се случи „Скопје 2014“?
Пандорината кутија за „Скопје 2014“ се отвори малку подоцна од идејата за изградба на Старо-новиот театар (денес МНТ). Есента 2006, новата власт која веќе го промовираше проектот „Скопје 2014“, само ја искористи приликата „сервирана на тацна“, готов изведбен проект за театарот кој беше изготвен во времето на претходната влада кога министер за култура беше сега починатиот Благоја Стефановски. Како делегиран член од ААМ, мојата улога во почетокот на целата таа работа беше да помогнам во подготовката за распишување Анонимен конкурс по сите правила, за да не се случи како со некои други конкурси, да се реши со директна покана на проектант без консултација на ААМ. Неколку пати организиравме дебати на кои поголем број архитекти колеги беа против конкурсот и дури паѓаа погрдни зборови на сметка на министерот! За да нема обврска за реализација на проектот по објавување на резултатите, успеав само да го сведам барањето во конкурсот да биде анкетен, бидејќи министерот инсистираше на уште една локација (на местото на стариот Офицерски дом). Конкурсот беше игнориран од голем број архитекти. Министерството за да ги избегне проблемите, Конкурсот го распиша по член 68 од Законот за јавни набавки, каде важат други правила!
За тоа како се одвивале работите ќе ја цитирам тогашната нова министерка:
Во програмата на Министерството за култура, а и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, беа ставени некои деловни објекти што започнавме да ги реализираме. Прво ќе спомнам за театарот. Иницијативата за изградба на театарот е започната уште пред да дојде оваа влада, од страна на Министерството. Всушност, иницијативата за изградба на Стариот театар постои уште од 1984 година. Од професорот Дамјан Жерновски е изработена студија, при што во првата фаза е извршено анкетирање на околу илјада граѓани, на сите тогашни актери во Скопје и проектантски организации на големите претпријатија. Потоа, оваа иницијатива во 1990 година е доставена до Републичкиот секретаријат за образование, култура и наука, во времето кога го водеше Саво Климовски и е прифатена оттаму. Значи, направивме еден континуитет. Беше објавен конкурс за идејно решение и тимот на архитектот Жан Стефановски ја доби првата награда. Само продолживме во однос на тоа што беше сработено претходно. (Утрински весник од 18.1.2007, Трибина на „Утрински весник“ за прашањето дали е неопходно во центарот на Скопје да се градат објекти како реплики).
Само едно е евидентно дека ААМ и некои други немаа моќ да го затворат капакот на Пандорината кутија. За жал!
„Силфида“ (балет)
„Вишновата градинка“
„Натемаго на Филозофскиот факултет“
„Медеја“
„Бакхи“
„Наследникот“
„Нашиот клас“
„Црна се чума зададе“