Во тек на летото 2013-та, Ора Ито го отвора МаМо (кратенка од Marseille Modulor, Центар за уметност во Марсеј) со покана за Даниел Бурен, светски реномираниот концептуален уметник чии дела се комбинација од инсталација, скулптура и слики, а многу пати и интервенции во просторот, сметајќи го за најсоодветен за изложбата на кровот од култниот објект на модерната архитектура, станбената единица Unite d’ Habitation во Марсеј, Франција, проектиран од Ле Корбизје.
Изложбата насловена во оригинал “Defini, Fini, Infini”, што во превод би било „Дефинитивни, Конечни, Бесконечни“, е изложба составена од колекција на седум неизложувани монументални уметнички дела, кои јавно го поставуваат прашањето на перцепцијата и трансформацијата на еден митски покрив испроектиран од познатиот архитект Ле Корбизје, со кој се утврдени постулатите на Модерната.
Даниел Бурен го зграпчува во свои раце концептот на ремек-делото на Ле Корбизје, претворајќи го во своевидна денешна перцепција, низ разместени перспективи, различни агли на набљудување, апсорбирање на животната средина, притоа поигрувајќи си со различните димензии, светлината, боите, сенките што се проектираат…
Овие експонати изгледаат како да се сраснати со самата архитекура и замисла на архитектот, а ќе го оживуваат и красат кровот до септември 2014 година.