Американското биро Rafael Viñoly Architects ги претстави плановите за идниот меѓународен терминал на аеродромот во Фиренца, кој ќе биде формиран на необичен начин, како одраз на посветеноста на Италијанците на винската култура.
Имено, новиот терминал на аеродромот во Фиренца на 50.000 метри квадратни, кој годишно ќе го користат околу 5,9 милиони луѓе, ќе опфаќа 7,7 хектари лозови насади.
Почит кон срцето на прочуениот вински регион на Тоскана
Има малку детали поврзани со проектот на идниот терминал, но веќе на прв поглед може да се види дека негова примарна карактеристика ќе биде пространиот кос кров, кој на својата површина ќе носи 38 долги редови лози.
Како што истакнуваат архитектите за Dezeen, токму вака осмислениот проект претставува оддавање почит на Фиренца како „срцето на прочуениот вински регион“ на Тоскана.
„Уникатно во проектот на новиот терминал е лозје од 7,7 хектари, кое благо се издигнува кон небото над светларниците на терминалот. Во ова лозје ќе се одгледуваат локални сорти грозје, а виното ќе се произведува и ќе лежи во посебни простори под кровот на терминалот“, велат од американското биро.
Внатре, терминалот во централниот дел ќе има голем простор конципиран како плоштад, кој од сите страни ќе биде опкружен со пунктови за пристигнување и заминување.
Овој централен простор ќе биде поврзан и со транспортот, но и со паркинг и малопродажни простори, кои ќе бидат во служба и на патниците и на локалното население.
Преорјентација на постоечката писта за 90 степени
Друг клучен елемени на презентираниот проект е преориентацијата на постојната писта на аеродромот, порано познат како Aeroporto Amerigo Vespucci, за 90 степени.
Со овој потег, пистата ќе биде свртена од околните ридови и би се продолжила за подобро да одговара на помодерните авиони, објасниуваат архитектите.
Проектот вклучува и подобрување на поврзаноста со градот и поширокиот регион, преку, како што се наведува, „мултимодални транспортни опции, вклучително и нов систем на лесна железница“.
Изградбата на планираниот нов аеродромски терминал ќе се одвива во две фази, при што се очекува првата фаза да биде завршена до 2026 година, а втората до 2035 година.