Кој сака убав стан во добар дел на Берлин мора да биде богат. Еден портал нуди четворособен стан во населбата Шарлотенбург, 182 квадратни метри, наместен. Цената е 8.190 евра месечно, плус режиски трошоци.
Вкупно тоа е повеќе од 50 евра за метар квадратен. Социјално прифатливото ниво на кирија во Германија е меѓу 6,5 и 7,5 евра за метар квадратен.
Во Берлин тоа не важи ниту за „понудата на месецот“ – стан од 69 квадрати во источните предградија за 725 евра. Станот е на шести кат – нема лифт. Се бара „спортско семејство“, кое „сака да мајсторисува“, бидејќи станот треба и да се реновира.
Киријата го јаде приходот
Во Германија, просечната нето плата – она што всушност навистина останува на сметката по одбивањето на даноците и социјалните давачки – е 2.165 евра. Околу една третина од приходот се дава за кирија. Но, ако се изнајми нов стан, тогаш тоа веќе не е доволно.
Во Минхен квадратен метар се изнајмува за 19 евра, во Штутгарт 18 евра, во Дизелдорф и Келн од 12 до 13 евра, а во Берлин 11 евра по квадрат. И тоа е просек, но вклучувајќи ги и старите станари кои сè уште плаќаат поволни кирии.
„Големата побарувачка за станбен простор кој може да се плати се судира со историските зголемувања на киријата и недоволната понуда“, се вели во описот на моменталната состојба на пазарот на порталот Immoscout24.
Помалку купување, повеќе кираџии
Германија традиционално е земја каде се живее под кирија. Уделот во сопственоста на станови во Европа во просек е 70 отсто, додека во Германија е само 46 отсто. Во големите градови тој процент е уште помал. На пример, во Хамбург е околу 22 отсто, а во Берлин само 14 отсто.
Цените на недвижностите растат насекаде низ светот. Институтот ИФО како и Институтот за швајцарска економска политика во едно истражување предвидуваат дека во следните десет години може да се очекува годишен пораст на цените на градбата за девет отсто. За Германија се предвидува раст од седум отсто.
Ако се земе предвид зголемувањето на каматните стапки на станбените кредити, сето тоа го прави купувањето на сопствен стан или куќа невозможно. Останува само живеењето под кирија. Тоа доведува до зголемена побарувачка на пазарот, а со тоа и до пораст на цените.
Зошто има недостиг од станови?
Институтот за системски истражувања „Едуард Пестел“ наведува дека на Германија и недостигаат 700.000 станови – особено поевтини. Германската влада најави дека ќе обезбеди изградба на 400.000 станови годишно.
Но, оваа година изградини се едвај повеќе од половина од планираниот број станови. Следната година тој број ќе се намали. Ова го пресметал Институтот за макроекономија и конјуктурни истражувања, кој е близок до синдикатите.
Војната во Украина и инфлацијата ги зголемија трошоците на изградбата. Експертите пресметале дека едноставно е невозможно да се изгради за помалку од 5.000 евра за метар квадратен.
Нема доволно квалификувана работна сила и градежни материјали, на градилиштата се прекинува грабата. Во мај се издадени четвртина помалку одобренија за градба од истиот месец минатата година.
Социјални станови речиси нема
Се повеќе луѓе аплицираат за се помалку прифатливи станови. Околу четвртина од бегалците кои дојдоа во земјава во 2015 и 2016 година се уште живеат во државните прифатилишта за бегалци, бидејќи до денес не можат да најдат стан за себе.
А минатата година во Германија пристигнаа уште еден милион украински бегалци. Годинава се проценува дека во земјава ќе дојдат уште 300.000 баратели на политички азил.
Сега се свети децениското запоставување на изградба на социјалните станови. По 1950 година, врз основа на државни субвенции биле изградени 8,4 милиони социјални станови. По две децении, во тие станови покачувањето на кириите веќе не е ограничено.
Што прави политиката?
Сега на годишно ниво се градат помалку социјални станови во однос на становите на кои им е истечена обврската за ограничување на киријата. На крајот на 2022 година, во Германија имаше само 1,1 милион социјални станови, што е историски минимум.
Партијата на Левицата бара јавна програма за изградба на станови, како и фонд за становање кој може да се плати.
„Барам од Владата конечно да преземе иницијатива и да издвојува најмалку 20 милијарди годишно за социјална изградба, како и за градење во корист на општото добро“, вели пратеничката на Левица во Бундестагот, Карен Лај.
Но, владата сака да штеди, нема доволно пари. Министерката за градежништво Клара Гајвиц од Социјалдемократската партија (СДП) има намера да воведе даночни олеснувања за градење.
Во мај 2023 се зголемени субвенциите за граѓаните со ниски примања и високи трошоци за кирии. Исто така ќе се прошири и бројот на оние кои имаат право на ваков вид помош. Но, тоа е само капка во море.
Социјалните здруженија бараат регулирање на киријата
Здруженијата кои се занимаваат со социјални прашања предупредуваат дека киријата се повеќе станува прашање на егзистенција. Тоа е токсично за социјалниот мир во општеството. Една од овие организации предупредува дека адекватно домување е човеково право.
Во заедничкиот став, искажан во таканаречениот „документ за позиции“, се бара станбената политика повторно да биде прогласена за јавна и државна задача од највисок приоритет. Се бара да се воведе регулирање на цените на земјиштето и закупнините, за да се постигне поголема правичност на пазарот.
Критичарите на таквиот концепт велат дека регулирањето на цените би довело до намалување на градењето, бидејќи инвеститорите не би биле заинтересирани да вложуваат во нови згради.
Да се живее во 7,5 квадратни метри
Со сите овие проблеми, тешко дека ќе има некакво подобрување на германскиот пазар на станови. Само во сегментот на постари згради цените некако паѓаат, особено кога зградите имаат старо греење, па санирањето и реновирањето ќе бидат скапи.
Онаму каде што се уште се грее на гас и нафта за греење, цената на парното ќе продолжи да расте. Ова ќе го зголеми притисокот врз луѓето со просечна заработувачка.
Нивната единствена опција е да се преселат во помали станови. Можеби ќе има повеќе вакви огласи во Берлин – жена бара цимерка за стан од 15 квадратни метри. Половина кирија е 120 евра.
Извор: Дојче Веле (DW)