Музејот за архитектура и дизајн во Љубљана, Словенија направи серија од 6 кратки филмчиња како би им ја приближила модерната архитектура на луѓето.
„Мали и паметни“ се состои од шест кратки филмчиња, секое од нив се однесува посебно на еден од избраните шест архитектонски проекти, кои опфаќаат семејни куќи, индустриски, религиозни, едукативно/институционални и јавни/спортски објекти. Заедно овие шест кратки филмови го претставуваат најдоброто од Модерната словенска архитекура. Еден од шесте филмови е токму овој за Куќите на улица Јурчкова, на архитект Јоже Петречок. Во ова кратко филмче, архитектурата не само што станува анимирана, дури своевидно сценариски трансформирана, туку има и еден социјален контекст. Архитектурата служи како сцена на која се појавуваат вистински актери. Преку филмот се доживува архитектурата како простор, како сцена за живеење и среќавање на луѓето и интеракција.