Во Лондон во 1863 е отворен првиот метро систем во светот (The London Underground). На самиот ден на отворањето околу 30.000 патници ги користеле услугите на „инженерското чудо на денешницата“, како што овој инфраструктурен зафат е опишан во тогашниот печат. Денес, метро системот во главниот град на Велика Британија превезува над една милијарда патници годишно.
Њујоршкото метро годинава прославува 117 години. Има најголем број станици меѓу метро системите во светот (468) и превезува близу 2 милијарди патници годишно. Еден од неколкуте во светот кој нуди непрекината 24 часовна услуга.
Метро системот во Токио е отворен во 1927 година. Денес, овој систем превезува речиси 10 милиони патници дневно. Во текот на утринските гужви, метрото има воведено вагони само за жени, заради „чувство на сигурност“, со оглед дека токиското метро е пренатрупано до крајни граници. Исто така, согласно посебен правилник за однесувањето на патниците, тие се должни да ги постават телефоните на silent mode, како и да се воздржат од зборување за време на патувањето.
Отворен во 1913 година, метро системот на Буенос Аирес е најстариот во Латинска Америка. Интересно е дека полни 100 години биле користени дрвени вагони, кои конечно се заменети во 2013 година.
Иако Московското метро е отворено во 1935 година, плановите за негова изградба датираат уште од пред Револуцијата. Метрото е познато по своите впечатливо дизајнирани станици кои се своевидни уметнички дела.
Плановите за изградба на метро систем во Пекинг датираат од 1950-тите години, кога градот имал „само“ три милиони жители. Поради големата криза, овие планови се запрени во 1961 година, но конечно системот е завршен и отворен во 1971 година. Интересно е што тогашниот премиер изјавил дека „изградбата на метрото има стратешки одбранбен карактер. Доколку сакавме да го решаваме само сообраќајот, ќе беше доволна набавка на 200 автобуси“. Денес метро системот во Пекинг е еден од најфрекфентните и превезува над 10 милиони патници дневно, додека Кина е рекордер во светот по бројот на градови кои имаат метро системи – дури 42.
Метро системот во Каиро, отворен во 1987 е првиот метро систем на африканскиот континент. Вториот е пуштен во сообраќај во главниот град на Алжир во 2o11 година.
Во нашето соседство, Атина има метро систем од 1904 година, а Софија од 1998. Во моментот Белград започнува со изградба на метро систем.