Пандемијата на вирусот корона имаше негативно влијание не само врз здравјето на граѓаните, туку и врз многу други области на животот, а исто така придонесе Виена да ја изгуби „круната“ на најдобриот град за живеење во светот.
Виена
По три години последователно прогласување за најдобар град за живеење, Виена во рангирањето на Economic Intelligence Unit Rankings испадна дури и од првите десет и сега е на 12-то место.
Новозеландскиот Окленд е прогласен за најдобар град за живеење, а по него следуваат Осака, додека трет град е Аделаида во Австралија.
Окленд
„Тешката блокада на Нов Зеланд му овозможи на нивното општество повторно да се отвори и им овозможи на граѓаните на градовите како Окленд и Велингтон да уживаат во животниот стил, сличен на животот пред пандемијата“, се вели во соопштението на Economist Intelligence Unit (EIU).
Последен пат Окленд беше меѓу најдобрите 10 во 2017 година, кога дојде на осмото место, позиција што Мелбурн ја дели со Женева оваа година. Велингтон, исто така влезе во топ 10.
Осака
Виена падна на 12-то место, а на крајот на листата повторно е сирискиот Дамаск.
Пандемијата го намали квалитетот на животот низ целиот свет, а просечниот пад изнесуваше седум поени во споредба со периодот пред кризата. Особено погодени од падот се европските метрополи. Повеќе епидемиолошки заклучувања и оптеретувањето на здравствениот систем беа поголеми отколку во другите делови на светот.
Пад на европските градови
Поради тоа, само два европски града се најдоа меѓу првите десет, Цирих и Женева се седми и осми на листата.
„Градовите ширум светот сега се многу помалку способни за живот отколку што беа пред почетокот на пандемијата, видовме дека региони како Европа се особено погодени“, велат од EIU.
Европската унија имаше проблеми со кампањата за вакцинација, со набавка и распределба на вакцините, а многу земји членки, вклучувајќи ја и Австрија, воведоа повеќе блокади отколку што се надеваа и со тоа влијаеја на резултатите на нивните градови во однос на културата и животната средина. Останатите четири оценети категории се стабилност, здравство, образование и инфраструктура.
Меѓу градовите кои имаа најголем успех во искачување „на скалата“ на најдобрите се Хонолулу (14-то место, кое се искачи за 46 места). Хјустон (на 31. место, се помести за 31 позиција), а тука се и Мадрид, Мајами, Барселона, Питсбург и Чикаго, како и веќе споменатиот Мелбурн.
Хамбург
Најголем пад од европските градови претрпе Хамбург, кој падна за 34 места, на 47. позиција. На истата листа се наоѓаат уште два германски града, Франкфурт и Дизелдорф, кои паднаа за 29 и 28 места. Франкфурт сега е на 39-то, а Дизелдорф на 50. место.
Меѓу оние кои доживеаа најголем пад на ранг листата, меѓу другите, се и Прага, Даблин, Рим и Атина.
Меѓу најлошите градови на прво место е Дамаск, следат Лагос, Порт Морсби, Дака, Алжир, Триполи, Карачи, Хараре, Дуала во Камерун и престолнината на Венецуела, Каракас.
За споредба на квалитетот на животот, британското списание „Економист“ секоја година зема во предвид 140 градови ширум светот.
Во рангирањето се земаат предвид здравствениот систем, образованието, културата, инфраструктурата, но исто така и социјалната безбедност, политичката стабилност и стапката на криминал.