Компанијата „DDG“ изгради нов објект во Њујорк инспириран од човечки скелет! Зградата има резиденцијална намена, а секако претставува значајна промена во типичниот њујоршки амбиент. Несекојдневното здание се наоѓа до познатиот дел на градот Сохо, а фирмата што стои зад проектот се занимава со продажба на недвижности и дизајн.
Од компанијата истакнуваат дека инспирацијата од човечкото тело односно костурот, не е никаква новост во архитектурата. Тие го истакнуваат примерот на каталонскиот архитект Антонио Гауди, кои за своите згради често ја користел оваа тема. Уште еден пример посочуваат кај Сантјаго Калатрава кој најголемата популарност ја стекнува токму со зградите што потсетуваат на рибји костур.
„Зградата истовремено комуницира со историјата и модернизмот“, вели Џозеф Мекмилан, директор на компанијата “DDG”.„Фасадата во сива боја делува како да е направена од илјадници коски и зглобови. Дизајнот во голема мера се потпира на Гауди, но сепак се разликува и е оригинален“, додава Мекмилан.
Во структурата се употребени и органски материјали, природен камен и дрво од Австрија. Компанијата се надева дека ќе го привлечат вниманието на купувачите, а секако главната цел е да се биде чекор пред конкуренцијата.