Косовската влада го забрани „рударењето“ на криптовалути со цел да ја намали потрошувачката на електрична енергија во време додека земјата се соочува со најголемата енергетска криза во последната деценија. Полицијата ќе застане на пат на „рударењето“ во соработка со другите релевантни институции кои ќе ги идентификуваат локациите на кои се врши оваа дејност. Поради евтината струја во изминатите години, бројни млади во Косово станале „рудари“ на криптовалути. Минатиот месец Косово воведе ротациски редукции по два часа дневно, со цел да се заштити од високите цени на увозната електрична енергија. Косово увезува над 40% од потребите за електрична енергија. Енергетскиот микс е доминантно (над 90%) зависен од лигнитот – најнискокалоричен јаглен кој предизвикува големо загадување. Со резерви од 12-14 милијарди тони, Косово има петти најголеми резерви на лигнит во светот.