Насловна / Вести / Космодромот „Бајконур“: Некогаш најважната советска вселенска база, денес достапна и за туристички обиколки

Космодромот „Бајконур“: Некогаш најважната советска вселенска база, денес достапна и за туристички обиколки

Ракетодромите, полигоните за испитување и лансирање на ракети и ракетни проектили, можат да наликуваат на вистински мали градови, со многубројни згради и уреди за лансирање и следење на ракетите – кули, лансирни рампи, хангари, радарски, контролни и други центри. Првиот воен ракетен полигон го изградиле германците кај местото Peenemünde на Балтикот. Најзначајниот а можеби и најмистериозниот ракетодром е советскиот Бајконур во Казахстан, од каде е лансиран првиот вештачки сателит, првиот вселенски брод со човечки екипаж, како и најголемиот број вселенски летала на советските и руските вселенски програми. Космодромот „Бајконур“ е сместен во средиштето на големата средноазиска пустина, 2600 km југоисточно од Москва и 1300 km оддалечен од казахстанските градови Нур-Султан и Алма-Ата. Во 1957 година, Советскиот Сојуз од овде го лансирал првиот вештачки сателит „Спутник 1“ во земјината орбита. Четири години подоцна полетал и „Восток 1“ со Јуриј Гагарин, а во 1963 година и Валантина Терешкова – првата жена во вселената.

baikonur7

baikonur1

Expedition 37 Soyuz Rollout

Во 2011 година, програмата за вселенски мисии на NASA, Space Shuttle е ставена во мирување, но вселенската база и натаму работи. Оддалеченоста од населените места и нејзината близина до екваторот (со цел да се искористи брзината на ротација на Земјата) биле некои од условите за избор на локација за космодром. Додека американската вселенска програма никнува на источниот брег на Флорида, каде е изграден вселенскиот центар „Кенеди“, Советскиот сојуз го нашол своето оддалечено место за тестирање ракети во Казахстан, во пустелијата долж реката Сир Дарја. Космодромот го граделе илјадници работници, во екстремни климатски услови, а огромниот објект го вклучувал и најголемиот вештачки кратер на Планетата: 250 метри долга, 100 метри широка и 45 метри длабока јама за лансирање. Изолацијата на казахстанската пустина им служела на космонаутите и како своевидна подготовка на речиси подеднакво осамените услови со кои ќе се соочат веднаш по напуштањето на тлото на Земјата.

baikonur4

baikonur5

baikonur6

Со распадот на Советскиот Сојуз во декември 1991 година, Казахстан стекнува независност и одеднаш оваа најважна руска вселенска база се нашла на „туѓа земја“. Во 1994 година Русија потпишува со Казахстан договор за закуп на „Бајконур“, кој сега освен како руска вселенска база служи и како интересна локација за туристите кои бараат поинакви доживувања. Но, тешко се добива дозвола за една ваква посета. Типична обиколка, која задолжително вклучува водич, нуди посети на лансирните објекти, како на пример платформата од која полетал во вселената Јуриј Гагарин, како и разгледување на најразлични предмети кои потсетуваат на возбудливото минато на славните денови на советската вселенска програма. Цената на стандарданата тура со пет ноќевања во хотелот „Спутник“ која вклучува и набљудување на лансирање, чини нешто повеќе од 3.300 евра. Пријавите за турите треба да се направат најмалку 45 дена претходно, а на веб страната на космодромот се објавени датумите на планираните лансирања.

Испрати коментар

Scroll To Top