Насловна / Вести / „Космички пејзажи“ на Маргуш во Мала станица

„Космички пејзажи“ на Маргуш во Мала станица

10624759_10202882264525264_784115771304937150_n

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утре, 18 ноември 2014, во 20 часот, ќе се отвори изложба на Дејан Иванов, со наслов „Космички пејзажи“.
Дејан Иванов – Маргуш е ликовен уметник чија апстрактна експресија е речиси целосен одраз на спонтан несвесен ониризам на битието. Овој наш сликар повеќе сака да насетува отколку да дефинира. На свој начин ониризмот како специфичен слој е присутен и кај последните дела. Тој е инстинктивно импулсивен и колористички афективен. Овој импулсивен имагинациски ритам на експресионистичка апстракција, овде е скротен и доведен до еден кристализиран, речиси трансцендентен спокој. Сликите се целосно потопени во флуидот на една благо нагласена метафизичка атмосфера.
Асоцијативниот свет на овие дела е таен, духовно прочистен и ликовно рафиниран. Интересен лиризам кој сугерира тишина и нурнатост во чувството помеѓу мигот и вечноста. Раководејќи се од композициските аспекти на авторот, можеме слободно да речеме дека основна тема е просторот и пејзажот. Нагласената концептуалност сугерира статичност во еден просторно-времески исечок, но статичноста на ликовниот свет на делата на нашиот сликар е само привидна.
Мотивот на сликите на Иванов е композициски така поставен, што сугерира некаков засолнат простор во кој едвај трепери како тивок одблесок играта на светлото во миг издвоен од брзиот временски тек на минливоста.
Изложбата ќе ја отворат г-ѓа Маја Неделкоска Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија и Љупчо Маленков, виш кустос во Националната галерија на Македонија.

Испрати коментар

Scroll To Top