Денес (26 октомври) во 20 часот во мобилната/монтажната галерија на Центарот за современа уметност, поставена во Паркот на франкофонијата во Скопје, ќе се отвори самостојната изложба на Оливер Мусовиќ со наслов „Корумпирани пејзажи“.
Оливер Мусовиќ на изложбата „Корумпирани пејзажи” претставува неколку нови, досега неизложувани дела/фотографски серии кои откриваат просторни практики на корупцијата и корозија на економскиот и граѓанскиот ред во Македонија – нелегална градба, корупција во градежништвото и слично.
Оливер Мусовиќ е роден 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997, каде што и магистрирал во 2004. Самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни графички изложби и изложби на современа уметност низ целиот свет, меѓу кои позначајни се „Последици – Менување на културниот пејсаж, „Тенденции на ангажирана пост-југословенска современа фотографија“, Љубљана и низ Европа во 2014-14, „History, Memory, Identity: Contemporary Photography from Eastern Europe”, Модена, 2009; Букурешкото биенале, 2008; Солунското биенале, 2007; „Во балканските клисури“, Касел, 2003, Европско биенале на современа уметност – Манифеста 4 во Франкфурт, 2002, како и на Истанбулското биенале, 1999.
Учествувал и на неколку резиденцијални престои во Кореја, САД, Франција и Швајцарија.
Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции како Фотографската фондација, Модена; Neuer Berliner Kunstverein, Берлин; Народен музеј на Црна Гора, Цетиње; Модерна Галерија/Музеј на современа уметност, Љубљана; Музеј на современата уметност, Скопје.
Неговите дела се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература, како „Autobiography” (Thames and Hudson, 2004), “Vitamin Ph – New Perspectives in Photography”, (Phaidon, 2006), “Photo Art, Photography in the 21st. Century”, (Aperture, 2008).
Реализирањето на изложбата во Мобилната/монтажната галерија на ЦСУ е овозможено со поддршка на Општина Центар.