Живописната долина Вахау крај Дунав во Австрија, која е дел од светското културно наследство, долго важела за подрачје на кое не ќе можат да се развиваат обновливи извори на енергија, со една единствена цел – да не се нарушува природниот пејзаж и да се заштити животната средина. Но, користењето на хидропотенцијалот без притоа да се градат брани, може да им овозможи на заштитените или оддалечените подрачја да добијат енергија од обновливи извори, и со максимална грижа за животната средина.
Долината Вахау, западно од Виена, позната како вински регион, во 2000 година е вклучена на листата на светското културно наследство на УНЕСКО, па поради тоа во оваа област строго е забрането инсталирање на ветерни турбини, додека поставувањето на соларни панели е стриктно регулирано.
Но, сепак, решението за обновлив извор на енергија е всушност нешто што на површината изгледа како купола на подморница, додека оздола се крие турбина која може да обезбеди скромни количества енергија. Се работи за користење на енергијата на речните струи без подигање на брани.
Овој тип на турбина е резултат на 10-годишното истражување на австриската компанија Aqua Libre. „Пред 40 години се боревме против изградба на брана за хидроцентрала. И среќни сме поради тоа, бидејќи денес живееме од туризмот, промовирајќи ја оваа недопрена природа. Но, оваа опрема за која се зборува денес, не ја менува животната средина, и тоа е голем напредок“, вели еден сопственик на хотел и ресторан во областа. Тој веќе има нарачано таква опрема за обезбедување енергија за потребите на својот објект.
„Технологијата за користење на речните струи без изградба на гломазна инфраструктура претставува голема придобивка во областа на обновливите извори на енергија. Се проценува дека овој пазар за 10 години ќе вреди 15 милијарди евра“. велат од француската компанија Hydroquest, која исто како и компанијата Aqua Libre, наскоро планира сериско производство на овие турбини.
Сепак, сè уште не се надминати бројни технички предизвици поврзани со оваа технологија. Моќноста на овие единици е многу мала, па затоа со нивниот развој главно се занимаваат мали и средни претпријатија. Големите енергетски компании не се заинтересирани за какво било решение со моќност под 1 MW.
Во долината Вахау во која живеат 30.000 жители, се надеваат дека на овој начин ќе можат да ги покријат потребите од енергија на најголем дел од населението. Оваа технологија, со оглед на фактот што ниту им пречи на рибите, ниту пак ја попречува пловидбата, нема да предизвика еколошки проблеми, велат од невладината организација за животна средина.
Технологијата на користење на енергијата на речните текови без брани, првенствено би можела да најде примена вон Европа, во земјите во развој или во подрачјата што немаат пристап до електрична енергија, бидејќи овозможува користење на локален извор на енергија без да се гради инфраструктура.