Насловна / Архитектура / Корбизје и „Let’s move in the city“

Корбизје и „Let’s move in the city“

Со приближување на Олимписките и на Параолимписките игри во Париз во 2024 година, француската архитектонска фирма DREAM ги испитува и трага по можностите за спорт, релаксација, дружење и чиста околина во урбаните средини. И иако сме веќе прилично навлезени во 21 век, оваа потрага нè води до големиот француско-швајцарски архитект Корбизје (Charles Eduard Jeaneret- Le Corbiusier), кој делувал во 20 век.

0

СОЗДАВА НОВА ВРЕДНОСТ СООДВЕТНА НА НОВОТО ВРЕМЕ

Во густо населените градови спортот станува прашање кое е од витално значење за здравјето на граѓаните, па оттаму во Париз во пресрет на Олимписките игри спортот се промовира како програма која придонесува кон урбаното унапредување на градот. Според оваа програма бруталистичката црква на Корбизје „Св. Петар“ во Фирмини е домаќин на интерактивна изложба „Да се движиме низ градот“ (Let’s move in the city), дизајнирана од архитектонската фирма DREAM, а посветена на спортот.

2

Бетонскиот ентериер на црквата е претворен во жив и динамичен простор украсен со објекти инспирирани од спортот. Разни шарени инсталации со елементи од спортските терени (трева, трибина, сцена од фитнес-центар) го повикуваат посетителот на интеракција и да го ослободи детето во себе. Покрај инсталациите изложбата содржи збирка архивски слики, фотографии и видеомодели на околу дваесетина уметници, архитекти и фотографи.

3

Изложбата е развиена во соработка со Francois-Emmanuel Vigneau, архитект, доктор по географија и планирање, експерт за урбан спорт и поранешен спортист. Исто така со DREAM соработувале и студенти за време на тринеделната работилница за да помогнат во поставувањето на изложбата. DREAM им нуди на посетителите достапни научни сознанија за идните перспективи и предизвици на спортот во градот.

11

Така, оваа бруталистичка црква на Корбизје со својата безвременска архитектура зрачи во просторот и создава нова вредност која е соодветна на новото време и на новите генерации.

1

СЕЛЕКТОР НА БОИ

Во налетот на селебрити архитектура, која промовира нови материјали, технологии и нова естетика, кога местото на Корбизје во 21-виот век го презеде големата Заха Хадид, светските аналитичари на архитектурата не случајно се навраќаат на Корбизје и на неговото творештво. Делото на Корбизје „Полихромна архитектура“ објавено во 1931 година, во кое тој ја презентира својата теорија на боја, интригира и го буди интересот и денес. Тој верувал дека боите играат значителна уога во предизвикувањето на емоции кај луѓето и креираат просторни илузии. Во книгата е претставен овој концепт, како и внимателно одбрана палета на бои наменета за употреба во специфични архитектонски контексти.

5

Како дополнување на тоновите претставени во палетата, Корбизје развил и селектор на бои, комбинирајќи хроматски и ахроматски тонови со различен валерски  однос. Оваа алатка се базирала на неговото сликарско и архитектонско искуство и   претставува основа за полихромна архитектура. Според него селекторот на бои нуди точен и ефективен метод за планирање на модерен дом и за употреба на хармонични бои кои дефинитивно се архитектонски, но во исто време одговараат и на природниот вкус и потреби.

Корбизје боите ги поделил во три групи: конструктивни, динамични и транспарентни. Конструктивните бои се состојат од природни пигменти и се употребуваат за создавање пријатна атмосфера и за да ја сменат перцепцијата на просторот. Често се изведени од земјените тонови како кафеава, окер и сина, и се користат за создавање чувство на хармонија, топлина и поврзаност со природното опкружување во архитектонската композиција. Овие тонови ја формираат основната палета која придонесува кон општиот просторен амбиент и карактер.

4

Динамичните бои вклучуваат употреба на синтетички пигменти за да се создадат контрастни ефекти кои предизвикуваат емотивна реакција. Овие бои се храбри, живи, интензивни, и вклучуваат сенки од основните бои како што се црвената, сината и жолтата. Со селективна употреба на динамичките бои, Корбизје сакал да креира фокусни точки и визуелни детали кои го привлекуваат вниманието и влеваат енергија во архитектонската композиција. Употребата на динамичките бои води кон чувство на драматичност, динамичност и визуелна средба со просторот.

Прозрачни или транспарентни бои се користат за промена на површините без да влијаат на перцепцијата за волумен и просторна длабочина. Тие овозможуваат суптилни корекции и доработки внатре во архитектонската композиција, истовремено задржувајќи ја перцепцијата на просторот.

c

До денес производите кои се темелат на Корбизјеовата теорија на боја се достапни кај сертифицираните производители и нудат широк распон на можности за создавање безвременска естетика на предмети и простори. Неговата теорија на боја претставува темелен аспект на неговиот архитектонски пристап.

Својата теорија на боја Корбизие ја применил на неколку свои култни архитектонски проекти. Значаен пример е градот Чандигар во Индија. Зградите во овој град имаат бетонски фасади со светли, контрастни бои на стратешките архитетонски елементи како врати, столбови, прозорци, елементи за сенки, сè со цел да се истакнат важните подрачја и да се создадат визуелни точки на фокус.

НАЈИНОВАТИВЕН ОДГОВОР ЗА СТАНБЕНА ЗГРАДА

6

Друг пример е Unité d’Habitation во Марсеј, Франција, завршен во 1952 година. Објектот претставува вертикален блок од 18 ката и 23 типа двоетажни станови за 1.800 жители. Објектот во заедничката содржина вклучува две улици внатре во зградата со трговски содржини, училиште, хотел, а на покривот се сместени јасли, градинка, гимназија и театар на отворено.

8

Секоја станбена единица добила специфична палета на бои, со ѕидови и структурни елементи обоени во живи нијанси на жолта, црвена и сина, креирајќи драматичен контраст со околината, додавајќи виталност и енергија на станбениот простор. Unité d’Habitation е еден од најважните проекти на Корбизје. Тој е еден од најинспиративните и најиновативни архитектонски одговори за станбена зграда. Во голема мера влијаел на бруталистичкиот стил со користење бетон-брутбетон.

01

Објектот станува пример за колективно домување низ целиот свет, но ниту еден понатамошен потфат не бил така успешен, што се должи на модуларната пропорција која Корбизје ја воспоставил при проектирањето. Петте карактеристики со кои го дефинирал она што е модерно во архитектурата се: столбови што ја држат структурата при што го ослободуваат просторот под зградата; кровна тераса која се претвора во градина и е битен дел од домот; отворена основа; фасада без украси; прозорци во траки што ја потврдува независноста од конструктивната рамка. Пред своето време, Корбизје го илустрирал концептот на зелени паркови, градини и јавни простори во приземјето на високите објекти. Архитектот генијалец на 20-тиот век, кој во своето време бил фален и оспоруван, често и несфатен, и денес возбудува, интригира со своето творештво и поставува прашања.

9

Најцитирана изрека на Кобизје е дека: „Куќата е машина во која се живее“ и тој тоа го применил на целата заедница, настојувајќи да остане во хармонија со природата и опкружувањето. Денес сè повеќе се наметнува прашањето: каква порака пренесува денешната архитектурата? Што е современа куќа и како таа ги задоволува потребите на денешните луѓе? Со брзиот раст градовите го губат својот идентитет и во исто време во нив станува тешко да се живее здрав живот, кој покрај основните потреби на граѓаните треба да им овозможува и социјализација и релаксација.

7

Дополнително, непланираните миграции и различните културни влијанија, влијанието на крупниот капитал и различните економски интереси кои не се во согласност со природните текови и со животната средина, водат до фрагментации и менување на сруктурата на градот. Оттаму, неопходно е пронаоѓање на нови пристапи, неопходно е да се трага по резиденцијален ориентир, кој на жителите ќе им пружа емотивна поврзаност со градот. Се разбира, претходно наталожените искуства и знаења, вклучително и принципите на Корбизје треба да се искористат такви какви што се или можеби со некои нови читања, како што впрочем е направено во бруталистичката црква во Фирмини.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top