Насловна / Архитектура / Дежурен архитект: Корабите на Вардар

Дежурен архитект: Корабите на Вардар

angel korabi (5)

Од Калето се гледа Вардар. Секогаш се гледал. Има многу нови градби околу Вардар, особено во центарот на градот! Гледајќи долу кон центарот од Кале, ми наликува на Париз или Лондон или, можеби на Будимпешта. Има се`, од секаде помалку. Наскоро и лондонското тркало ќе го стават среде река!

Не се препознава веќе градот, насекаде нови градби никнуваат. Од овде, од Кале, би можел да биде и некаква џиновска кулиса за некаков скап и здодевен филм. Би можело сето ова да биде и сон, но сепак е јаве.

Вардар бавно тече, малку е надојден од скорешните врнежи. Затоа можеби и има матни очи. Водата носи многу нешта, по него плови се` што може да се замисли на една депонија.angel korabi (3)

Порано во водите се капеа облаците, но откако ги изградија овие квазибарокни згради, во него нема многу простор за нивно капење. Два нови моста со скулптури на знајни и незнајни личности, а меѓу мостовите здогледуваш кораби, со нешта што наликуваат на јарболи и едра, и чиниш дојдени се од никаде и насукани на кејот.

Каде ли ќе пловат овие бродови или кораби, како сакате наречете ги? Патници не гледам, а и туристи нема баш многу околу нив. Едниот кораб е веќе завршен и работи како ресторан, другиот се привршува, додека третиот се уште се гради. Беа најавувани најпрвин како сплавови, за на крајот да се направат кораби како дел од проектот „Скопје 2014“. А овие кораби всушност и не се вистински кораби, ниту пак допловиле од некаде.angel korabi (6)

Тие се направени тука за да бидат ресторани. Застанати се на брегот од реката во центарот на Скопје, на пола пат од Азија, на пола пат од Европската унија. И ние стоиме заедно со нив во место, на пола пат до европскиот живот.

Никако да се помрднеме како и  корабиве. Закотвени се со длабоки бетонски темели во коритото на реката Вардар, не можат да пловат.

Направени се од луѓе кои не знаат ништо за морепловство и за бродоградителството. Пропорциите им се несоодветни и чиниш дека ако ги пуштиш да запловат, веднаш ќе се превртат и потонат.angel korabi (4)

Кораби на три – четири ката, не многу  долги, а високи! Се прашувам што ли ќе стане кога Вардар ќе надојде како што умее понекогаш да надојде?

Во овие пристаништа, каде што се закотвени овие кораби, нема восхитување, возбуда и џагор на патниците, го нема задоволството дека ќе се патува и дека ќе се запознаат нови места. Нема разделби и пречекувања. Дури ни птиците не слетуваат на јарболите.

Се обидувам да си замислам едреници подготвени да испловат и повардарецот како веќе ги надул неодврзаните едра. Замислувам метеж во потпалубата, дигалки кои истовараат и товараат стока на доковите, замислувам крчми во кои морнари што пловат под различни знамиња се тепаат меѓу себе, а некои се љубат со локалните убавици.angel korabi (2)

Палми не морам да замислувам, тие се веќе тука, иако никој не знае дали ќе ги издржат скопските зими. Вистинските кораби  се создадени  за пловидби, за патувања.

Нашиве, вардарски кораби не можат ниту сантиметар да се помрднат. А и каде би оделе кога се поставени помеѓу мостови под кои не би можеле да поминат?

Да патуваш, патуваш, патуваш и да ги истражуваш новите океани и новите брегови, за тоа се корабите создадени. Не се за да бидат забетонирани ресторани и да седат закотвени во некакви речни корита во кои лете речиси и да нема вода!

„Каде плови овој брод што луѓето ги носи и дали некој знае што морето спрема… Тој пат е така долг, а пристаништето го нема… “, пееше некогаш познатата југословенска пеачка Радојка Шверко.angel korabi

Во нашиве кораби нема луѓе, ниту пак пловат некаде.  Кормиларите како да заспале, а морето е далеку, далеку…. , пристаништето од тука не се гледа!

За среќа, ветерот се уште ја има миризбата на Вардар, тоа не успејаа да го сменат. Се уште можам да ја почувствувам миризбата на Скопје.

 

2 коментари

  1. se e tolku ubavo da sekoj koj ja saka svojata tatkovina a posebno skopje ke go kaze ova sto jas go konstatirav a sekoj drug komentar e proizvod na politicka oboenost,

  2. луда работа,,,,,кич,,кич
    колку градинки ке се направеа,,со години фалат,,,

Испрати коментар

Scroll To Top