Насловна / Вести / Колку доцнат авио компаниите во преминот на еколошки горива?

Колку доцнат авио компаниите во преминот на еколошки горива?

Извештајот на организацијата Transport & Environment (T&E) открива во која мера се присутни проблемите при преминот на авио индустријата на одржливи горива за авионите, познати како SAF (sustainable aviation fuels). Според овој извештај, најголем дел од авио компаниите (87 %) не врши суштинска транзиција кон овие горива, а токму тоа е најважното решение за намалување на влијанието на оваа индустрија врз загадувањето.

E-керозинот, исто така познат и како синтетички керозин или електро-гориво, е вид на одржливо авионско гориво произведено од обновливи извори на енергија. Процесот на производство на e-керозин, вклучува користење на обновливи извори на електрична енергија за електролиза на водата, со што се произведува водород. Тој водород потоа се комбинира со јаглерод диоксид во еден специфичен процес, што доведува до производство на течно гориво кое понатаму може да се користи во авио технологијата. E- керозинот се истакнува како најодржлив и најприменлив тип на SAF, додека горивата добиени од биомаса, како што се оние составени од прехрамбени или сточн посеви (пченка и сл.) се оценети како неодржливи.

Анализата на 77 авио компании, покажува дека само 10 од нив бараат одржливи алтернативи, како е-керозин и биогорива добиени од отпад. Останатите компании или не го разгледуваат SAF како можност, или користат погрешен вид, или пак го користат само симболично. Истражувањето исто така открило дека мнозинството авио компании користи помалку одржливи видови на SAF. Извештајот заклучува дека светот е далеку од широко прифаќање на SAF. Во 2023 година, авио компаниите употребиле само 2,6 милиони барели SAF во споредба со над 1,6 милијарди барели обичен керозин, што претставува помалку од 0,15% од вкупната потрошувачка на гориво. SAF горивата како што се e-керозинот и биогоривата добиени од отпад, имаат посложени и поскапи процеси на производство во споредба со традиционалните фосилни горива, што доведува до повисоки цени на горивата, односно поголем финансиски притисок за авио компаниите. Притоа, горивата не се секогаш достапни во потребните количини и на сите локации, што севкупно логистички го отежнува нивното користење.

Испрати коментар

Scroll To Top