На 150 километри од Скопје за помалку од два часа по новиот автопат Миладиновци- Штип, се стига до Берово. Град од 7000 жители од кои еден добар дел времено или трајно иселени.
Еден викенд поминат во Берово и околината на надморска висина од 1000 метри, е доволен да ги осознаете големите контрасти – тоа што го дала природата и тоа што го прави човекот со неа и во неа.
Природата која ве остава без здив, особено околу Беровското езеро па и пошироко целата Малешевија, со прекрасните борови шуми , ливади со многу полски цвеќиња и шумски плодови, мали поточиња. Питомост и недопрена дивина. Природата овде ја истурила целата своја убавина.
Се друго каде е присатен човекот е друга приказна. Контрасти колку ли сакаш и несакаш.
Берово со мал, но убаво среден плоштад, околу кој се одвива целиот живот на градчето.
Стотина метра од плоштадот по главната улица – ШОК. Стара , прекрасна куќа во локален стил се распаѓа. И има повеќе такви примери кои би можеле со интервенција на градот да станат атракција.
Патот кон езерото (4.5 километри) после многу години се обновува и станува , низ шумовитиот кривудаст предел право уживање за возење. И повторно, на врвот од каде почнува центарот на езерскиот комплекс – ШОК. Несредена централна плоштадка и се разбира неосветлена ?. Но и да се надеваме дека наскоро и ова ќе заличи во атрактивен влез во најатрактивната убавина на овој крај – езерото.
И потоа најголемиот ШОК. Двете прекрасни одмаралишта, до пред десетина години гордост на овој крај во тотално распаѓање. Десетина години самоуништување на нешто што некогашната држава така убаво го осмислила, проектирала и изградила. Сопственик на овој прекрасен, простор е Министерството за социјала и труд.
Министерке Царовска имате шанса вашата енергичност и визија да ја искажете баш на овој простор, за спас на овој прекрасен простор и на Берово како туристички центар со голем потенцијал.
И за чудо во овој распад систем еден убав пример. Прекрасно изведена со камени плочи патека околу езерото, како добар пример дека сепак МОЖЕМЕ ако сакаме.
Ех, на крај и малку или дури МНОГУ УБАВИНА и од човечка рака.
Комплексот АУРОРА.Секако еден од најубавите Спа ресорси на Балканот. Не вреди да се опишува на кратко, но може да се доживее со една прошетка и пиење кафе во прекрасниот ресторан. Останува во сеќавање и желба за повторна посета.
Наоколу се повеќе никнуваат убави вили со убави апармани и надеж за развој на туризмот.Вистински рај и спас од пеколните жештини на Скопското лето. Сепак нешто се движи. Има надеж. Уште државата да помогне…
На дваесетина километри од Берово нова убавина . Комплексот Бела вода. Во една преубава дивина изникнува туристички комплекс за фалење.
Има што да се доживее во Малешевијата, дефинитивно. Со отварањето на преминот Клепало кон Бугарија, Беровско- Пехчевскиот крај ќе стане вистински туристички центар, се разбира со активна помош на државата.Можеби ова ќе биде и единствена можност младите генерации да останат овде, да работат и живеат во овој природен рај. А можност и многу граѓани од државата да немора да одат по околните држави за да доживеат планински туризам и бег од летните пеколни температури.
автор и фото: ЉУПЧО АТАНАСОВСКИ