Во целост го презентираме Извештај за работата и резултатите на комисијата за Конкурсот за избор на идејно решение за локалитет на фабрика Треска
Жири во состав:
арх. Миодраг Радоњиќ Бато – Претседател, делегиран од АА при ААМ
Проф. др/ Јасмина Сиљановска – член делегиран од ААМ
Проф. др. Михајло Зиновски – член делегиран од УКИМ Архитектонски факултет
арх. Виктор Михајлов – член делегиран од Собрание на Град Скопје
Мр. Иван Мирковски – член делегиран од Универзитет Америкен Колеџ
арх. Наташа Тодоровска Пренк – член делегиран од Општина Центар
Др. Жаклина Ангеловска – член делегиран од КОАОИ
инг. Марјан Иванов – член делегиран од Градежна Комора
соц. Ивана Дракшиќ – член делегиран од Здружение Плоштад Слобода
Напомена: Членот Марјан Иванов, делегиран од Градежната Комора, со свое писмено образложение се иззема од комисијата во тек на нејзината работа.
Вовед
Конкурсот за уредување на локалитетот на просторот на поранешната фабрика „Треска“ произлезен е од заклучоците од повеќето работни состаноци на стручниот тим од Општина центар, предводен од Градоначалникот Саша Богдановиќ и Председателот на Совет на општината Јана Белчева, претставници на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти при ААМ, Комората на овластени архитекти и инженери како и претставници на граѓанските невладини организации. По долготрајни (во периодот на 2019/2020 година) анализи на просторот, законската регулатива и размена на стручни мислења, заклучено е дека „Конкурсот“ е најприфатлива опција за разрешувањето на настанатите проблеми, на предметниот простор, произлезени од неусогласеноста на важечкиот ДУП Буњаковец 2 со важечкиот ГУП на Град Скопје и како можност за добивање на побројни креативни и иновативни решенија. Ваквот заклучок преточен е во Граѓанска иницијатива поддржана од Градоначалникот, предложен е, усвоен и донесен од Советот на Општина Центар од што е произлезена и објавата на Конкурсот како јавен и анонимен на државно ниво и во рамки на Законот за Јавни Набавки. Овде мора да се напомене дека имаше и предлози, од стручната фела, конкурсот да се објави како Меѓународен и да се исклучи од Јавните набавки, а сé со цел за можност на анкетирање и на меѓународната стручна јавност и за подигањето на квалитетот и бројноста на предложени решенија. За жал ваквите предлози не беа усвоени поради специфичноста на локацијата, сложените имотно правни односи, како и условите на важечката законска регулатива.
Конкурсот е објавен како „ Конкурс за избор на идејно решение за локалитетот Треска“, но со барањата дадени со Проектната програма, тој всушност претставува сложен и обемен „Конкурс за урбанистичко – архитектонско уредување“ на предметниот простор. Ваков вид на конкурс прв пат се објавува во поновата историја на Скопје и како таков претставува голем исчекор во планирањето на градот со анкетирање на широката стручна јавност. Оттука и очекувањата на сите за негова успешна реализација беа големи. Но и покрај своето значење, конкурсот беше објавен со обемна и сложена проектна програма, кратки рокови и оскуден награден фонд, такашто според мое мислење подржано од ААМ и АА при ААМ, претставуваше сериозна пречка за добивање на поголем број на трудови и поквалитетен избор од истите. Од тука покрената е иницијатива со барање за продолжување на рокот и зголемување на наградниот фонд, која е поддржана и усвоена од Градоначалникот, со што рокот е продолжен за еден месец а наградниот фонд е скоро удвоен. За жал заложбата за подобрување на конкурсните услови не вроди со плод и во рокот за предавање регистрирани се само три пристигнати труда, што со жалење го утврди жири комисијата на својата прва седница. Сметам дека ваков неповолен епилог се должи, освен на сложените и обемни барања, неадекватниот награден фонд , условеноста со Јавна набавка и со недоволно ангажирање од учесниците и иницијаторите за објавувањето на конкурсот, да преку медиумите и социјалните мрежи ја анимираат и инспирират стручната јавност за помасивно учество на еден ваков значаен конкурс. Исто така и големите очекувања на јавноста, изнесена преку медиумите имаше значајно влијание. Од тука целокупната конкурсна процедура, по мое мислење како претседател на жири комисијата, може да се смета само за делумно успешна. Сепак, упатувам честитки во лично име и во име на членовите на Жири комисијата до сите учесници за нивниот голем ангажман, вложениот труд и храброст да учествуваат на овој значаен конкурс.
Работа на жири комисијата
Пристигнатите конкурсни трудови, од страна на комисијата за Јавни Набавки, се предадени на 05.10. 2021год. на првиот состанок на Жири комисијата и беа примени од нејзиниот Претседател. Првиот состанок беше конституативен и на истиот се утврдија обврските и задачите, начинот и динамиката на работата на комисијата, како и запазување на зададените критериуми за оценување на трудовите. Отварањето на трудовите е извршно на следниот состанок, при што пликовите со назнака „ Автор“, од сите трудови, ги превзеде комисијата за Јавни набавки со обврска да ги чува во анонимност до завршување на постапката и конечната одлука на Жири комисијата. Во текот на работата на комисијата детално се разгледани и анализирани пристигнатите трудови со сите составни графички и текстуални прилози. При тоа во професионална, стручна и транспарентна меѓусебна дискусија овозможено е сите членови да го оформат и презентираат своето мислење и став во однос на секое пооделно решение. За жал , со пристигнати само три конкурсни труда, можноста за избор на квалитетни и креативни решенија беше знатно ограничена. Работата на комисијата се одвиваше со динамика понеделник, среда, петок до 27.10. 2021год. кога се разгледани дефинираните мислења и ставови на сите членови на комисијата, врз основа на кои е извршено рангирање и гласање со што е донесена конечната одлука за распределба на наградите и тоа:
Прворангиран е конкурсниот труд со шифра „ГДВОР“ со доделена ВТОРА НАГРАДА во износ од 369.000,00 денари,
Второрангиран е конкурсниот труд со шифра „SRHNC“ со доделен ОТКУП во износ од 30.000,00 денари,
Треторангиран е конкурсниот труд со шифра „КСИНГ“ со доделен ОТКУП во износ од 30.000,00 денари.
Одлуката на Жири комисијата записнички е доставена, со сите мислења и ставови на членовите, до комисијата за Јавни набавки на 29.10.2021год. која ја превзема обврската да ги отвори пликовите со назнака „ Автор“ да ги идентификува и извести авторите за резултатите и да им го достави извештајот од работата на Жири комисијата.
Автори и краток осврт на наградените трудови
Со објава на авторите направен е и краток осврт на трудовите со обид да се претстави генералниот став на поголемиот број на членовите на жирито врз основа на кои е донесена конечната одлука и распределбата на наградите.
Автори на Прворангираниот конкурсниот труд со шифра „ГДВОР“ со доделена ВТОРА НАГРАДА се; Група автори со Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Мхајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска
Со конкурсното решение се предлага просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, со намена А2, отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од П + 4 до П + 8 лоцирани долж ул. „ Ф. Рузвелт“, централно поставен парк подолжно во правец север-југ како и станбени низови со катност П + 3 и П + 4 долж улицата „ А. Циборовски“. Целиот комплекс е дооформен со деловниот комплекс лоциран на ул. „М.Т. Гологанов“. Со самата форма на блоковите оформени се интимни дворови за станарите и истите се поплочани и озеленети и сите се ориентирани кон централниот парк. Помеѓу блоковите предвидени се отворени врски помеѓу централниот јавен парковски простор и ул. „Ф. Рузвелт“ со што истата пешачки се интегрира во комплексот. Парковското зеленило е со повеќе намени за одмор и рекреација. Во продолжение на паркот, кон ул. „В.Положановски“ лоцирана е детска градинка која е вклопена во целокупниот амбиент. Вака оформен и компактен, јасно препознатлив јавен простор, со повеќенаменски содржини со зеленило и простор за одмор, спорт и рекреација, со својт волумен и просторна диспозиција лесно е достапен на жителите на новооформениот комплекс, како и на жителите на контактните подрачја „Буњаковец“, „ Тафталиџе“ и „ Капиштец “ Станбените низови, лоцирани долж улицата „А. Цибороровски“, се со пониска катност и со друга типологија на станови кои нудат повисок стандард на живеење. Поставката на деловниот комплекс на улицата „М.Т.Гологанов“, е транспарентен и нуди лесен пристап кон централниот простор. Сообраќајното решение и во однос на колскиот и пешачкиот сообраќај е коректно решено со услови на непречено движење и добри врски со околните сообраќајници. Параметрите зададени со проектната програма, во однос на домувањето и деловната намена ,се оптимално задоволени. Со поголема смелост и иновативност во креирање на поединечните архитектонски целини, предложениот труд можеше да биде и повисоко рангиран.
Заклучок: Вака предложениот конкурсен труд, со урбанистичко-просторниот концепт, сообракајното решение, односот на изградени и слободни површини, програмските барања, во голем дел почитуваната зададена регулација, како и односот кон контакните подрачја, нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка.
Автори на второрангираниот конкурсн труд со шифра „SRHNC“ со доделен ОТКУП се; Група автори: Сара Симоска, Лимба Минова Златески, Ружица Станковиќ, Нина Стрезовска, Христијан Пелтековски и Теодор Ангеловски
Со конкурсното решение се предлага просторен концепт оформен од станбени блокови со катност П + 6 и станбени кули со катност П + 17 со намена А2 – домување, поврзани меѓу себе со објекти со катност П со комплементарни содржини, со што се оформени три просторни целини со внатрешни отворени атриуми. Композицијата на станбените целини, со високи и пониски објекти е разиграна и динамична, а партерното уредување и организација на атриумите со содржини за одмор, рекреација и можности за културни збиднувања, е високо ценета. Со ваквата планерска постапка предвидена е сосема нова регулација. Просторните целини сами за себе се коректно решени, но нивната поставеност го разбива и уситнува просторот, при што гледајќи од човечка перспектива, не може да се согледа целовитоста на комплексот. Со самото тоа намалео е значењето на локацијата како можен центар на атракција во централното градско подрачје, на контактот помегу општина Центар и општина Карпош. Во однос на отворените простори, иако процентуалниот однос на зазеленети и пешачки површини е задоволен, не е оформен на компактен, јасно препознатлив, јавен простор со повеќе наменски содржини со зеленило и простор за одмор и рекреација, со оглед дека паркот „ Треска“ е периферно поставен и не е во контакт со домувањето и не е директно достапен на жителите на новооформениот комплекс како и на жителите на контактните подрачја „Буњаковец“, „ Тафталиџе“ и „ Капиштец “. Оттука целокупната просторна поставка не е во корелација со местоположбата и значењето на предметнот простор на фабриката „Треска“ и како таква би можела да биде позиционирана на било која локација. Предвидената Градинка е интегрирана во еден од атриумите, а за дејностите со намена Култура предвидеана е реконструкција на стариот објект на аголот на ул. „Рузвелтова“ и ул.„М.Т.Гологанов“. Параметрите, зададени со проектната програма, се задоволени на горната граница при што е запазен планираниот број на жители и густина на населеност. Од вака предложениот просторен концепт произлезено е нерационално сообраќајно решение при што се измешани функциите на главните собирни сообраќајници и станбените сообраќајници во комплексот. Пристапите до подзмните паркиралишта се изнудени од диспозицијата на објектите, при што четри излезно – влезни рампи се предвидени директно на ул. „Френклин Рузвелт“, со што непрописно и недозволиво се нарушува нејзината основна функција на собирна сообракајница. Овој факт беше одлучувачки при рангирањето на овој конкурсен труд.
Заклучок: Вака предложениот конкурсен труд, со урбанистичко просторниот концепт, сообраќајното решение, односот на изградени и слободни површини, предвидената регулација и односот кон контакните подрачја, освен во поединечни сегменти на партерно решение и типологија на поедини станови , не нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка.
Автор на треторангираниот конкурсниот труд со шифра „КСИНГ“ со доделен ОТКУП е: Јане Стојаноски
Конкурсното решение се базира врз сеопфатна анализа на поширокото градско подрачје со цел да се интегрира просторот на ф-ка „ Треска“ преку препознатливи вертикални акценти долж на ул. „ М.Т.Голпганов“ во правец исток-запад од Објектот на „Нова Македонија“ па се до објектот на студентскиот дом „ Гоце Делчев“. За таа цел, како еден во низот , предвиден е вертикален елемент- кула од 71,60м со П + 16 со намена Хотел, на аголот на улиците „М.Т.Гологанов“ и „Рузвелтова“. Со иста цел предвидена е голема парковска површина – парк- Шума и парк – Ливада со водена површина помеѓу, со што се овозможува интеграција на населбите „Буњаковец“ и Тафталиџе“. Ваквите планерски постапки се високо ценети, но не се консеквентно спроведени во просторниот концепт и излегуваат вон барањата на проектната програма. Со просторниот концепт преголем акцент, освен на парковските површини, даден е и на деловно- комерцијалните содржини на сметка на домувањето кое во голема мерка е поддимензионирано. Овој факт беше одлучувачки при рангирањето на овој конкурсен труд. Домувањето е концетрирано во два атриумски блока како реминисцнција на „Железничка колонија“ и два линеарни станбени блока, долж ул. „Адолф Циборовски“. При тоа предвидена е сосема нова регулација. Предвидените станбени единици се воглавно двоетажни – дуплекс станови што како идеја за живеење во стан – куќа е привлечно, но во однос на социо – економските прилики е тешко остварливо. Предлогот детската Градинка да се лоцира периферно во директен контакт со зеленило, вон основниот опфат, во стариот железнички објект, може да биде и добар предлог доколку е тоа остварливо во однос на неговата сопственост. Пешачкиот сообракај е добро конципиран со непречена достапност до сите содржини и овозможува продори и согледување на сите просторни целини. Предлогот на колскиот сообраќај не е на соодветно ниво, особено поради воведување на внатрешна станбена улица со која се оформува нова крстосница со ул. „Ф. Рузвелт“. Исто така проблематични се и двата колски влеза (само влезови) од ул. „М.Т. Гологанов“. Зеленилото е апсолутно доминантно со големите парковски површини и со предвидените дрвореди. Основните параметри зададени со основната програма во однос на површините и намената не се задоволени, а тоа се однесува особено на домувањето. Параметрите во однос на бројот на жители и густината на населеност, поради специфичната методологија на пресметување, не се јасни и не може прецизно да се дефинираат.
Заклучок: Вака предложениот конкурсен труд, со урбанистичко просторниот концепт, сообраќајното решение, односот на изградени и слободни површини, предвидената регулација, како и односот кон контакните подрачја, освен во поединечни концепциски поставки кои би можеле да се применат, не нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка.
Председател на Жири,
арх. Миодраг Радоњиќ Бато