Конференцијата за климатските промени во Бон која заврши пред повеќе од една недела, постави основи за поамбизиозни акции во врска со климата, отварајќи го патот за претстојната Конференција на ОН за климатските промени – COP28, која ќе биде одржана во декември во Обединетите Арапски Емирати. Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) истакнува дека и покрај напредокот во последните години, светот не оди во правец на исполнување на целите на Парискиот договор. Неопходно е глобалните емисии да се преполоват пред крајот на 2030 година, со цел да се ограничи порастот на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови.
„Покрај тоа, потребна е системска трансформација и прилагодување, со цел да се помогне на заедниците и екосистемите да се носат со климатските влијанија кои веќе се случуваат и за кои се очекува дека ќе бидат се поинтензивни. На состанокот во Бон, остварен е напредок во прашањата од критична важност, вклучувајќи го глобалниот преглед, климатските финансии, фондот за загуби и штети и прилагодувањето на климатските промени“, е пораката од организаторите. Сепак, во фокусот бил глобалниот преглед (global stocktake), извештај кој го проценува колективниот напредок во остварувањето на целите на Парискиот договор. Документот е двогодишен пресек во кој државите и другите заинтересирани страни можат да видат каде напредуваат, но и каде заостануваат во исполнувањето на целите од Парискиот договор. Овој глобален преглед ќе биде заклучен на COP28, каде ќе бидат претставени техничките наоди и импликации.