Тековната забрзана енергетска транзиција се карактеризира со исклучување на термоцентралите на фосилни горива и геометриски пораст на инсталираната моќност на ветерни и соларни централи. Од една страна, нивното производство, како и производството на електрични возила, на планетарно ниво предизвика пораст на побарувачката за метали за пет пати, кое може да се обезбеди само со соодветен пораст на рударската индустрија. Од друга страна, со ветерните и соларните централи се зголемува уделот на исклучително нерамномерно и непредвидливо производство на електрична енергија. За енергетската стабилност на системите по параметрите напон и фреквенција, неопходно е балансирање со флексибилни еколошки централи, односно инвестирање во нови акумулациони и реверзибилни хидроцентрали. Забревтаниот раст на рударството и хидроенергетиката предизвикан од забрзаната енергетска транзиција е подстрек за развој на Инженерството за брани. Затоа, безбедноста на рударските брани (за трајно одлагање на отпадни материи) и водните брани (за времено складирање на водните ресурси) беше основно обележје на најзначајниот светски настан во „Инженерството за брани“ во текот на 2023-та година, 91-та Годишна конференција на Меѓународната комисија за големи брани (The International Commission on Large Dams – ICOLD).
Во оваа најавторитетната институција за брани во Светот, основана во 1928 година со седиште во Париз, членуваат повеќе од национални комитети за брани, меѓу кои и Македонскиот комитет за големи брани (MACOLD), со повеќе од 10,000 индивидуални членови. Годишниот собир се одржа во периодот од 10 до 15 јуни 2023 година, во Гетеборг, Шведска, најзначајно пристаниште во Скандинавија, изградено пред 400 години, и втор по големина град во Шведска.
Во склоп на овогодишната манифестација на ICOLD се одржаа бројни настани: состаноци на 25 технички комитети на 12. јуни, меѓу кои и на комитетот за сеизмички аспекти при проектирање на брани (каде членува претставник на MACOLD), состаноци на регионалните комитети, меѓу кои и на Европскиот регионален клуб (Europеan Regional Club, EurCOLD) каде припаѓа MаCOLD на 11.јуни, централниот научен настан – 91. меѓународен симпозиум на 13 и 14 jуни, пред-конференциски, конференциски (на 14. јуни) и пост-конгресни стручни екскурзии, работилници на техничките комитети и генералното собрание на ICOLD на 15. jуни.
Swedish Exhibition Centre
Gothia Towers спроти Liseberg
Годишната конференција се одржа во грандиозниот конференциски центар Swenska Massan, Swedish Exhibition Centre поврзани во една целина со Gothia Towers спроти Liseberg – најголемиот забавен парк во Скандинавија. Конференцијата ја отвори Maria Bartsch (претседател на организациониот одбор и претседател на – SwedCOLD), a успешна работа на учесниците им посакаа Michel Lino (претседател на ICOLD) и Hakan Eriksson (градоначелник на Гетеборг).
Maria Bartsch (претседател на – SwedCOLD), отворање на конференцијата
Темите на 91-тиот симпозиум, насловен „Management for Safe Dams“, беа следните: 1. Safety Management of Dams and Levees, 2. Surveillance and condition monitoring, 3. Analysis, modelling and decision making, 4. Rehabilitation and dam safety measures, 5. Climate & environmental adaptation, 6. Innovation. На годишната конференција na ICOLD присуствуваа повеќе од 1,000 делегати. На настанот, со говорна презентација беше презентиран реферат од член на MACOLD со наслов “Stability analysis of the existing tailings storage facilities heightening with the upstream construction method, susceptible to static and dynamic liquefaction”, подготвен од авторите Љ. Петковски, Ф. Пановска, С. Митовски. Воведниот дел од презентацијата на рефератот беше искористен да се афирмира македонското градителство на брани со концизен преглед на изградените големи брани во РС Македонија.
Презентација на Проф. д-р Љупчо Петковски на Meeting of the Technical Committee on Seismic Aspects of Dam Design
Учесници на Meeting of the Technical Committee on Seismic Aspects of Dam Design
Од административниот дел најзначаен настан беше Генералното собрание (General Assembly)на кое MaCOLD го претставуваше м-р Славко Милевски, генерален секретар на ЗМКГБ. Сите одлуки на собранието беа донесени со тајно гласање на присутните претседатели/делегати на националните комитети за брани.
Делагати на 91. генерално собрание на ICOLD
Претставници од MaCOLD на 91. генерално собрание на ICOLD
На крајот би истакнал дека учеството на делегати од Здружението Македонски Комитет за Големи Брани (ЗМКГБ или MACOLD) на манифестациите во организација на ICOLD е од огромно значење за развојот на Инженерството за брани во РС Македонија. Тоа претставува можност да се набават Зборниците со рефератите, активно да се учествува во техничките комитети на ICOLD, да се обезбеди континуиран трансфер на знаење од најавторитетното здружение за брани во Светот и да се запознаеме со новините за браните со придружните објекти, што претставува прв услов тие да бидат имплементирани кај нас. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на Градежниот факултет и на ЕСМ, без чија финансиска поддршка, учеството на делегати од Македонија на 91. годишната конференција за големи брани, во организација на ICOLD во Гетеборг, ќе беше тешко изводливо.
Автор: Проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет во Скопје
* * * * *
13-ТО СОВЕТУВАЊЕ ЗА ВОДОСТОПАНСТВО И ХИДРОТЕХНИКА
Во организација на Здружение Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ или MАCOLD)
Ќе се одржи во Скопје, 6-7.10.2023 година
ТЕМИ НА СОВЕТУВАЊЕТО
1. Сегашна состојба во користењето на водите (водоснабдување, наводнување, хидроенергетика) и одбрана од поплави,
2. Администрирање со водите и можности за подобрување на организационата поставеност на водостопанството,
3. Подобрување на сигурноста и функционалноста на старите брани,
4. Повеќенаменски акумулации – активна мерка за ублажување на влијанието од климатските промени,
5. Предизвици за браните и акумулациите предизвикани од изградба на соларни и ветерни централи.
ВАЖНИ ДАТУМИ
1.9.2023 Доставување на комплетни реферати
1.10.2023 Конечно соопштение со програма на Советувањето
6.10.2023 Работен ден на Советувањето, Скопје
7.10.2023 Стручна посета на брана во фаза на градба, Отиња, Штип
Подетални информации побарајте на e-mail: [email protected]