Потребата од одржување конференција на тема „Инженерството за брани во услови на енергетска транзиција и остарена хидротехничка инфраструктура“ е заради исполнување на повеќе цели, од кои доминантни се следните пет. Прво, најголемиот дел од водостопанската инфраструктура во РС Македонија е од постар датум и се наметнува проблемот за подобрување на сигурноста и на функционалноста на старите брани.
ХЕС Маврово, Гостивар, 2024-10-18 (ХЕЦ Равен, доводен цевковод)
Подобрувањето се однесува во иновирањето на техничката документација во согласност со сегашните проектантски критериуми за потврдување на сигурноста, навремено детектирање на оштетените хидротехнички објекти и нивна санација. Второ, Мавровскиот хидроенергетски систем со трите хидроелектрични централи: ХЕЦ „Вруток“, ХЕЦ „Равен“, ХЕЦ „Врбен“ и со браната Маврово e еден од најголемите и најсложените во македонскиот електроенергетски систем. Првата фаза од изградбата на системот почнала во 1947 година, а завршила по 13 години, во 1960 година. Во 1952 година започнало да се полни најголемото вештачко езеро во Македонија, Мавровското Езеро со вкупен волумен од 275 М-m3 вода.
Стручна посета на ХЕС Маврово, Гостивар, 2024-10-18 (ХЕЦ Вруток, командно одделение)
Трето, во минатата деценија соларните PV централи се инсталираа толку брзо што потребата за енергија од јаглен се намалуваше, што услови глобалната потрошувачка на јаглен во термоцентралите во 2024 да биде намалена во споредба со 2023 година. Во 2024 година на планетарно ниво достигнат е пикот на енергетска емисија на СО2, со што со оваа година официјално започна глобалната енергетска транзиција. Прогнозата е дека периодот на дуплирање на побарувачката на електрична енергија е намален на 25 години, односно на планетарно ниво од сегашните 30 PWh во 2023 ќе се зголеми на 62 PWh во 2050 година, кога околу 3/4 ќе биде задоволена од соларни и ветерни централи, а само 1/4 со приближно подеднакво производство од хидро, фосилно гориво и нуклеарни централи. Од една страна, климатските промени ќе условат потопло и повлажно опкружување, што несомнено е поволно за развој на хидроенергетиката. Од друга страна, во енергетската транзиција со доминантно производство од соларни и ветерни централи, кои се одликуваат со исклучителна нерамномерност и непредвидливост, за стабилизирање на енергетскиот систем, најрационално е користењето на акумулационите хидроцентрали. Од тука произлегува прогнозата дека до 2050 инсталираноста на хидроцентралите ќе се зголеми за 50%. Доколку Донесителите на одлуки (политичките раководства) не дозволат енергетиката да стане лимитирачки фактор во развојот на Македонија, тогаш овој глобален тренд ќе се преслика во нашиот енергетскиот сектор, каде што, за жал, изградени се само 30% од хидроенергетскиот технички потенцијал.
Стручна посета на ХЕС Маврово, Гостивар, 2024-10-18 (ХЕЦ Равен, машинска сала, генераторски под)
Четврто, имајќи предвид дека водните акумулации со голем корисен волумен се единствените активни мерки за ублажување на негативните влијанија од климатските промени, логично е дека развојот на хидроенергетиката во идниот период треба да биде со повеќенаменските акумулации, со навремено инволвирање на приоритетните водокорисници: водоснабдување, наводнување, еколошки гарантирано протекување, како и за одбрана од поплави. И петто, во моментот повторно се актуализира преструктуирањето на водостопанските претпријатија, обединети во АД ВС на РСМ. Предуслов за успешно реформирање на водостопанството е да се согледаат сите можности за унапредување на организационата поставеност на хидроградежништвото, водостопанството и хидроенергетиката и да се упростат комплицираните бирократски процедури со кои воопшто не се подобрува техничката документација, туку се одложува започнувањето со градбата на хидротехничките објекти.
Стручна посета на ХЕС Маврово, Гостивар, 2024-10-18 (ХЕЦ Равен, машинска сала, турбински под)
Здружението МКГБ е стручна, невладина и непрофитабилна инженерска организација и е член на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD) во континуитет од 1950 година. Процената дека Здружението ќе биде успешен организатор на ова советување беше поткрепена со фактот дека во минатиот период ЗМКГБ се докажа со реализацијата на поголем број научни собири: Советување на тема: Проектирање и изградба на браната Козјак (1999); Прв конгрес за брани (2004); Советување на тема: Браната Козјак – искуство од изградбата, првото полнење и почетната експлоатација (2005); Втор конгрес за брани (2008); International Workshop “Advanced methods and materials for dam construction”, with lecturers from Greece, Switzerland and R. Macedonia (2009); International Symposium “Dams – recent experiences on research, design, construction and service”, organized by MACOLD and SLOCOLD (2011); Конференција на тема: Хидројаловиштата во Р. Македонија (2012); Трет конгрес за брани (2013); 10. советување за ВСХТ (2014), Конференција на тема: Состојбата со водостопанската инфраструктура (2015), 11. Советување за ВСХТ (2016), Четврт конгрес за брани (2017), Трибина на тема: 80 години на инженерството за брани во Р. Македонија (2018), 12. Советување за ВСХТ (2019), Second International Symposium “Water reservoirs – an Active Measure in Adapting to Climate Change”, organized by MACOLD and SLOCOLD (2020), 5-ти Конгрес за брани (2021), Втора конференција за хидројаловишта (2022) и 13. Советување за ВСХТ (2023).
Сесија на конференцијата, сала на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАОИ) на РС Македонија, Скопје, 2024-10-18
За конференцијата пристигнаа поголем број реферати, а Редакцискиот одбор прифати 16 да бидат отпечатени во Зборникот посветен на конференцијата. Рефератите се на македонски јазик (13) и на англиски јазик (3), а се подготвени од експерти од Македонија, Бугарија и од Словенија. Распоредот на рефератите во Зборникот е приспособен на широкиот спектар на проблеми што се третирани во трудовите, во следните тематски поглавја: (1) Унапредување на организационата поставеност на хидроградежништвото, водостопанството и хидроенергетиката, (2) Подобрување на сигурноста и функционалноста на старите брани и придружните хидротехнички објекти, (3) 77 години од почетокот на градбата на ХЕС Маврово, Гостивар, (4) Предизвици за браните и акумулациите предизвикани од изградба на соларни и ветерни централи и (5) Повеќенаменски акумулации – активна мерка за ублажување на влијанието од климатските промени.
Свечено отворање на Советувањето, конференциска сала на КОАОИ, 2024-10-18, поздравен збор на проф. Љупчо Петковски, претседател на ЗМКГБ и претседател на организациониот и редакцискиот одбор на манифестацијата
На 18. октомври, на Свеченото отворање, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, претседател на ЗМКГБ и претседател на Организациониот и Редакцискиот одбор. Присутни на Свеченото отворање на Конференцијата беа г-дин Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), проф. Христина Спасевска претседателка на Инженерската институција на Македонија (ИМИ), г-дин, Филип Филиповски, директор на АД Водостопанство на Македонија, г-дин Ромео Тренов, директор на Управата за водостопанство на МЗШВ, м-р Кристинка Чулак претседателка на КОАОИ и други високи претставници на значајни државни институции и угледни приватни компании од Македонија.
Обраќање до учесниците на проф. Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција на Македонија
Обраќање до учесниците на м-р Кристинка Чулак, претседателка на КОАИ
На Конференцијата организирана од ЗКГБ, на која присуствуваа околу 80 учесници, во две пленарни сесии, имаше успешни презентации и интересни дискусии по 12 реферати, кои беа образложени со говорни презентации. Сето тоа овозможи размена на искуство и знаење – особено значајно за помладите кадри од водостопанската и хидротехничката фела, што претставува основна мисија на ваквите настани.
Обраќање до учесниците на г-дин, Филип Филиповски, директор на АД Водостопанство на Македонија
Обраќање до учесниците на г-дин Ромео Тренов, директор на Управата за водостопанство на МЗШВ
Покрај теорискиот дел на Конференцијата, беше успешно спроведен и практичниот дел на 19. октомври, со стручна посета на хидроцентралите Равен и Вруток на АД ЕСМ Подружница ХЕС Маврово, Гостивар. Од страна на стручниот тим на операторот со ХЕС Маврово, беа презентирани основните податоци на проточната ХЕЦ Равен и деривационата подземна ХЕЦ Вруток, проблемите при градењето и деталите од рехабилитацијата на хидротехничките објекти во повеќедецениската експлоатација.
Стручна посета на ХЕС Маврово, Гостивар, 2024-10-18 (ХЕЦ Вруток, портирница)
На крајот, ја ползуваме оваа можност да се заблагодариме на авторите на рефератите, на членовите на организациониот одбор и на редакцискиот одбор за пожртвуваната работа, на презентерите и на активните учесници на Конференцијата (кои добија сертификати со 4 CPD поени) и секако на спонзорите на манифестациите организирани од ЗМКГБ во 2023/24 година, без чие разбирање и финансиска поддршка, одржувањето на оваа Конференцијата, со масовно учество на претставници од хидроенергетските, водостопанските и хидроградежните претпријатија, практично би било неизводливо.
Автор: Проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет Скопје