Здружението македонски комитет за големи брани на 18 и 19 септември во Скопје ќе организира Конференција на тема: „Состојбата со водостопанската инфраструктура“. Работниот дел на Конференцијата ќе се одржи на 18, на Градежниот факултет во Скопје, додека на 19 септември е предвидена стручна посета.
Покрај членовите на ЗМКГБ и на националните комитети за големи брани од регионот, за учество на Конференцијата се поканети сите што се инволвирани во водостопанството во Република Македонија, односно вработени во државни и научни институции, водостопански и комунални претпријатија, како и во градежни и инженеринг компании.
Како работни теми на Конференцијата ќе бидат: Сегашна состојба со хидротехничките објекти, санација на изградените, планирање и градба на нови хидросистеми, како и Институционалната поставеност и законска регулатива во водостопанството.
Според најновиот преглед на општата состојба со браните и придружните објекти во РМ околу 20% од постојните значајни брани, се во незавидна сигурносна состојба, што е индиција дека е неопходна радикална промена на досегашниот концепт за постигнување на задоволителен квалитет на браните кој ќе гарантира прифатливо ниво на ризик за околината. Според квалитетот на одржувањето на браните, околу 44% не се одличната категоријата, односно во врвната кондиција која се очекува за вакви стратешки градежни објекти. Според приоритет за санација, за околу 11% оштетувањата се од таков карактер што е неопходно ургентна санација, а за околу 27% постојат недостатоци кои не би требало да се толерираат на подолг рок.
Имајќи ги предвид значењето на браните од посебен интерес за државата, кои се клучни објекти на водостопанската инфраструктура на Република Македонија, потенцијалната опасност од нивното постоење, како и фактот дека за голем број изградени брани е неопходна санација, се наметна потребата од организирање и одржување на Конференција за состојбата со водостопанската инфраструктура, каде покрај за браните, треба да се даде осврт и за состојбата со специфичните хидротехнички објекти кај одделните водостопански гранки: водоснабдување, канализации, наводнување, одводнување, хидроенергетика, регулирање на реки итн.