Насловна / Вести / Конечно до еврокодови

Конечно до еврокодови

Еден од последните, ако не и последен потпис на г-динот Горан Сугаревски во својство на министер за транспорт и врски, беше оној на ,,Правилникот за дополнување на правилникот за стандарди и нормативи за проектирање“. Потпис кој градежните конструктори го очекуваа безмалку десетина години. Потпис со кој се заокружи еден тридецениски период на информирање, запознавање, изучување, обучување, дебатирање и сл., на оваа, од многу аспекти, значајна материја. Потпис со европско знаменце.

171113-Eurocodes-logo-OT_resize

Со овој правилник се регулира примената на МКС-стандардите – еврокодови (ЕС) заедно со националните анекси (НА) и соодветните национално дефинирани параметри (НДП) за проектирање градежни конструкции. Пропишан е рок за приспособување од три години (до септември 2023 год.) со можна паралелна примена и на важечките стандарди. Период кој треба да се искористи за постепен и побезболен преод на новото, а не, како што често бива, за негово пасивно одложување и подоцнежно паничење.

107637469_3221803981209960_5427549824864409469_o_resize

Се работи за  најнови стандарди во светот од областа на проектирањето на градежни  конструкции. Современ документ кој неколку децении е развиван и надоградуван од плејада врвни експерти од различни области и кој во себе ги сублимира најсовремените светски знаења и искуства. Сложена и обемна материја која е континуирано подложна на  стручно-научни преиспитувања, подобрувања и дополнувања.

Еврокодовите, кои веќе 10-тина години се во употреба во земјите членки на Европската Унија и пошироко, се состојат од десет поодделни, но истовремено  меѓусебно поврзани делови (табела 1).

Табела 1 Составни делови на еврокодови и нивна поврзаност

 

РЕДЕН

    БРОЈ

СТАНДАРД

/ознака/

НАСЛОВ

ЕС

                      ОБЛАСТ

1

EN 1990

Еврокод Правила и принципи на проектирање

2

EN 1991

Еврокод 1 Дејства врз конструкциите

3

EN 1992

Еврокод 2 Проектирање бетонски конструкции

4

EN 1993

Еврокод 3 Проектирање челични конструкции

5

EN 1994

Еврокод 4 Проектирање спрегнати конструкции

6

EN 1995

Еврокод 5 Проектирање дрвени конструкции

7

EN 1996

Еврокод 6 Проектирање ѕидани конструкции

8

EN 1997

Еврокод 7 Геотехничко проектирање

9

EN 1998

Еврокод 8 Проектирање конструкции отпорни на земјотрес

10

EN 1999

Еврокод 9 Проектирање алуминиумски конструкции

Еден од клучните чекори при имплементацијата на овие стандарди е усвојувањето на 58-те национални анекси (НА), кои во себе содржат 1.501 национално дефиниран параметар (НДП). Дел од нив се во форма на нумерички вредности, дел во форма на табели и графикони, дел како препорачани процедури, а дел се избор на повеќе понудени приоди. Преку НДП во стандардот се вклучуваат специфичностите на одделните земји, почнувајќи од оние кои произлегуваат од географско-климатските особености, преку традициите во процесот на градење, па сè до интересите на локалната градежна индустрија. Нивните вредности имаат непосредно влијание врз степенот на сигурност, употребливост, трајност и економичност на конструкциите.  И покрај препораките на Европското тело за стандардизација за нивно што е можно поголемо унифицирање, за одреден, не мал број параметри, во оптек се различни дефинирани вредности. Се разбира дека, имајќи го предвид нивното суштествено значење, не постои (или барем не би требало да постои) реална можност за нивно потполно усогласување или пак за целосно преземање на препорачаните вредности.

Screenshot 2020-12-28 142920_resize

Главна цел на овој комплексен стандард е подигнување на нивото на квалитетот на проектирањето, а со тоа и на градењето на градежните објекти со истовремено задоволување на сите релевантни аспекти за нивна носивост, сигурност, употребливост, робустност, трајност и др. Со него се обезбедува и заеднички европски пазар во областа на проектирањето, а со тоа преку зголемена конкурентност и до негов подобар квалитет.

Со усвојување на еврокодовите ќе се заокружи процесот на усогласување на поодделните стандарди од оваа област со европската регулатива. Имено, веќе подолг период кај нас постоеше одреден дисконтинуитет (целосна конфузија збогатена со ,,креативна“ импровизација) во оваа сензитивна област бидејќи промената на старите македонски стандарди (МКС) со европските (EN)  не беше  пропратена и со паралелно усвојување и на еврокодовите како стандарди за проектирање. Така, еден подолг период постоеја важечки стари правилници (некои дури формално и во форма на нацрт, молчешкум прифатени како конечно усвоени) кои се повикуваа на неважечки стандарди и обратно нови важечки стандарди на кои никој не се повикуваше. По малку хаотично и несериозно за една мошне чувствителна дејност. Сето ова неретко предизвикуваше и низа (скапо платени) проблеми како при реализација на капиталните инфраструктурни проекти, така и при нивното вмрежување во постојните и нови европски коридори.

1_resize

Еве нè сега исправени пред имплементацијата на еврокодовите. Значаен исчекор во областа на градежното конструкторство и на градежништвото воопшто. Сериозна задача и за многу поголемите и кадровски поекипирани од нас.

Освојувањето нови знаења секогаш претставува сериозен предизвик. Нешто за што, пред сѐ, е потребна љубов. Искрена, возвишена, несебична љубов кон струката, кон она за што сме се определиле, кон она што го создаваме, за чиј квалитет одговараме. Потребна е и страст. Силна желба за отворање нови светогледи. За храбро нурнување во длабочините на непознатото. За бестрашен лет кон вселенските храмови на Минерва. Страст за зграпчување на можноста да се биде добар, подобар. Сега! Во мигов! Не подоцна. Затоа што подоцна веќе е доцна.

Во процес сме кој бара посветеност и истрајност. Долгорочна. Во истражување, во постојано надградување. Во читање, учење, анализи, споредби. Во навлегување во суштината. Во натпревар со квалитетните. Бидејќи само така целта ќе биде остварена. Ученото, научено.

building-768815_1920-1_resize

Вербата во потребата и неопходноста на она што го правиме, во што се вложуваме е суштествен предуслов за успех. За личен раст, професионално созревање, поуспешно позиционирање. За придвижување од деструктивниот лет во место. За отворање нови можности, за посветли перспективи, континуиран напредок.  Но истовремено и за влог во нашата општествена одговорност. Категоријата која полека исчезнува од видокругот на разулавеното секојдневие. Која молчешкум тоне во вртлогот на декадентната релативизација.

Имплементацијата на нови стандарди, особено од ваков вид, обем и содржина, секогаш провоцира одреден немир. Стравот од промени е тука. Но, алтернатива нема. Време е за жртвување на професионалниот комодитет. Претстои битка за нови знаења. Време е за акција.

Македонските градежни конструктори влегоа во Европа. За другите не знам.

Автор: проф. д-р Горан Марковски

Испрати коментар

Scroll To Top