Дали човекот е отелотворена душа или само машина направена од месо? Тоа вечно и болно прашање стои и зад аудио-визуелното дело War Work: 8 Songs with Film (2014-2018), на славниот (филмски) композитор и пијанист Мајкл Ниман, а коe неодамна беше изведено во престижниот концертен објект Salle Pleyel во Париз.
Овој концертен дом со совршена акустика беше домаќин на Michael Nyman Band и сопран Marie Louise Angel. Делото е реализирано за одбележување на стогодишнината од Првата светска војна (1914-1918).
Земајќи ја поезијата од Првата светска војна како негова инспирација, композиторот Majкл Ниман („британскиот апостол на американскиот минимализам“, како го нарекувале во 80-тите години на 20 век) создаде елоквентен поетско-музички циклус за филм („филмски есеј“, како што тој го опишал својот проект), структуриран во две групи од четири композиции, на кои им претходат неколку инструментални фрагменти. Текстовите што Ниман ги користел во филмот се напишани од поети кои, со исклучок на англискиот уметник-поет, Дејвид Бомберг (1890-1957), сите останати, за жал, ги загубиле своите животи за време на Првата светска војна: Исак Розенберг (1890-1918), Алфред Лихтенштајн (1889-1914), Гијом Аполинер (1880-1918), Ернст Стадлер (1883-1914)…
Инаку, појдовната точка на Ниман во реализирањето на овој проект посветен на Првата светска војна е насловот на колекција песни од страна на францускиот пoet Гастон де Рујте – Chansons vielles sur d’autre airs. „Chansons vielles“ се песни на англиски, француски, германски и унгарски поети (главно отпеани на нивните оригинални јазици), додека „autre airs“ се однесува на англиски, француски, германски, австро-унгарски, полски и италијански композитори (од Орландо Гибонс и Џон Бул до Франц Шуберт, Фредерик Шопен и Цезар Франк) од 17,18 и 19 век.
Филмската содржина на ‘War Work’ e уредена од страна на француско-англискиот режисер Макс Пуг, а креирана е од избор на снимки, фотографии и цитати од француски, германски и американски филмски архиви од Првата светска војна. Избраните извадоци намерно се фокусирани на еден документарен материјал кој отсекогаш бил игнориран токму поради ужасните последици што ги оставила војната по човекото постоење.
На концертот во Париз, пред филмот, претходеше програма составена од пет познати филмски композиции, што англискиот композитор и пијанист Ниман ги создал во осумдесетите години на 20 век: Memorial (1985), Chasing Sheep is Best Left to Shepherds (1983), An Eye for optical Theory (1983), L’Hotel de Ville/Come Unto These Yellow Sands (1989) и Passage a L’Egalite/Miranda (1989).
Моќта на сликите во комбинација со музиката е во центарот на вниманието. „Имам за цел да ја рефлектирам војната од поинаква перспектива“, вели Ниман. „Јас ја поврзав германска песна со англиска музика и француската песна со германска музика, како начин на расцепување на национализмот и националниот идентитет“, истакна Ниман.
Целиот концерт визуелно делува како во ерата на немиот филм (црно-бели филмски снимки и цитати кои впечатливо и немо се менуваат), додека музичката програма од страна на бендот на Ниман (диригент и пијанист) што го следи филмот е исполнет со бавни ритмови и ненападни инструментални движења, кои во комбинација со „ограниченото“, строго и типично компонирање за Ниман, кога е во прашање инструментален оркестар од жици, саксофони, ‘brass’ и пијано, има тивка сериозност која емотивно е многу ефикасна.
Концертот/проектот во траење од речиси два часа, претставува еден музички свет кој се чини дека е далеку од оној препознатлив пропулзивен звук на остри звуци со кој Ниман ја етаблирал својата репутација. Додека трае ‘War Work’, се чувствува целиот проект како елоквентна елегија посветена на една изгубена генерација во Првата светска војна, а која е канализирана низ три века на музичката историја.
Тешко е да се направи филм за таков крвав и ужасен конфликт, каква што била Првата светска војна, и истовремено да се покаже било каква морална еквивалентност кон страните вклучени во борбите. Сепак, филмот на Ниман не е документ за доброто наспроти злото, туку еден вид на истражување на „културата на војната“ во тоа време. Ниман не е фокусиран на резултатите од војната, за кои повеќето луѓе се „свесни“, туку на последиците, односно што им се случило на одреден број на луѓе кои биле вклучени пред и по војната.
Имено, филмот е оптоварен со вознемирувачки снимки од различни луѓе кои се прилагодуваат на ужасните повреди што ги претрпеле на бојното поле. Некои од нив станале вознемирувачки и изобличени субјекти за камера, додека други се збунети и потресни субјекти врз кои до изнемоштеност се експериментирало со различни лабораториски тапи инструменти. Преку филмот, исто така, може да се заклучи дека „благодарение“ на војната, можеби бил забрзан и развојот на протетските екстремитети, бидејќи филмот почнува со шокантна снимка која покажува како на маж без вилица и нос му се става „глинеста верзија“ на тоа како изгледало неговото лице пред несреќата.
Целта на филмот е да покаже како културата на војната влегла во сите слоеви на животот, и лични и професионални. Инструментите на војување – авиони, пиштоли, мечеви – се присвоени како нов начин за забава на децата. Исто така, гледаме филмови каде што режисерите го трансформирале актот на масовно убиство под покровителство од државата во драматична (а понекогаш дури и комична) забава.
Филмот завршува со серија цитати, кои се всушност несентиментални прогласи кои гледаат на војната како машина поттикната од чистото зло, но како и ужасен бизнис кој станал толку вкоренет во општеството што го почнавме да го прифатиме како неминовност и статус кво.
Делото War Work: 8 Songs with Film било нарачано во 2014 година од страна на War on Screen International Film Festival; L’Arsenal de Metz; La Cité de la musique од Париз; KölnMusik Betriebs und Service GmbH; Kölner Philharmonie и Palace of Arts од Будимпешта, за да ја одбележат 100-годишнината од Првата светска војна.