Во Антверп, Белгија, проектирана е нова зграда која на станарите што живеат во неа би им овозможувала повеќе средби и дружења. Проектното биро C.F. Møller Architects и Brut Architecture дизајнирале зграда во која 25% од нејзината површина се наоѓа на балкони, тераси, зимски градини и заеднички простории.
Позициите на балконите се замислени така што тие се преклопуваат едни со други, со цел станарите да се сретнуваат, запознаваат и меѓусебно дружат.
И покрај тоа што се нагласува отвореноста на просторот и незначителниот број визуелни препреки, на станарите им се гарантира приватноста, кога тие ќе посакаат.
Друга важна карактеристика на оваа станбена зграда е енергетската ефикасност. Целта е да се постигне ниво на пасивни згради – односно енергијата потребна за греење и ладење да се добива од сопствени извори.
Зградата ќе има зимска градина, која ќе се протега на три нивоа.
Покривот на зградата е специјално дизајниран за поврзување на соседи. Покрај делот за скара, тука се маси, столици и една мала работилница за поправка на велосипеди.