Претставен на овогодинешниот фестивал Designblok во Прага, Cake Houses е модуларен концепт на куќа што му овозможува на клиентот да го дизајнира својот дом преку онлајн конфигуратор.
Го осмислиле чешките креативци Матјаш Швејдик, Павел Шпрингл и Шимон Марек, членови на тимот кој го опишуваат својот проект како „архитектонски рецепт за модуларни дрвени куќи“.
Прилагодување на различни потреби
Проектот е замислен како куќа со кос кров која може да се прилагоди на различни потреби. За време на фестивалот, Cake Houses е претставен на интерактивен дисплеј, а посетителите можеле да играат за да создадат различни варијанти на својот потенцијален дом.
Целта е овој систем, инаку награден со Големата награда на Designblok, да стане алтернативна опција за „каталошки проекти“, кои се карактеризираат со стандардизиран дизајн и брза изградба, но им недостасува изглед на објект изработен по мерка.
„Главната идеја на концептот на Cake Houses почива на уверувањето дека ако дојдете до добри основни и просторни градежни принципи, можете брзо и сигурно да дојдете до променливи и индивидуални проектни решенија благодарение на стандардизацијата“, вели Матјаш Швејдик.
Имено, при прилагодување на проектот, куќата ја задржува истата форма, но станува подолга или пократка и со промени во внатрешниот распоред, за да одговара на потребите на клиентот.
Според тимот кој стои зад Cake Houses, можно е да се создадат стотици варијации на распоредот и применети внатрешни и надворешни обработки, благодарение на употребата на онлајн конфигураторот, додека целиот проект се реализира преку дрвена конструкција создадена од префабрикувани делови.
„Мејнстрим изгледот и севкупниот квалитет на проектот на семејните куќи во Чешка е генерално лош, а причината е фактот што овие куќи обично се каталошки проекти, без идентитет и применето подлабоко креативно размислување“, објаснува Швејдик и додава: „За повеќето луѓе, овој начин на градење сопствен дом е полесен, поевтин и посигурен од работата со архитект и тоа на повеќе нивоа. Успеавме да дојдеме до проект кој ги комбинира предностите на добрата архитектура и стандардизацијата“.
Одредени аспекти се одржуваат во сите варијанти на конфигурацијата, како што се избегнување на долги темни ходници и употреба на големи прозорци кои ги поврзуваат внатрешните простори со градината.
Досега е завршен еден проект Cake House, кој го одликува кос кров и дрвена облога, а се наоѓа во местото Окрухла во Новјехо Бор на северот на Чешката Република.
Според авторите, овој „прототип“ е направен со примена на дрвени градежни материјали на лице место за изградба на конструкцијата, додека во иднина ќе се користат монтажни елементи за намалување на трошоците и времето на изградба.
Авторите тврдат и дека куќата секако испаднала доста добро и токму онака како што ја замислиле, а во некои сегменти и подобра.
Чешка традиција со модерна естетика
Проектот Cake Houses е создаден имајќи ги предвид жителите на Чешка, но Швејдик објаснува дека во иднина може да се создадат повеќе типологии за да одговараат на условите на различни средини.
„Одучивме да го проектираме првиот тип Cake House на традиционален начин за чешката средина, но со модерна естетика, што беше важно за нас бидејќи веруваме дека таква куќа може да се вклопи во различни контексти во Чешка“, вели Швејдик и додава: „Сигурно би сакале да проектираме повеќе видови семејни куќи или различни типологии кои исто така може да се прилагодат. Можеме да замислиме широк спектар на можности, од мали куќи до куќи со тераси, па дури и облакодери, или можеби дури и променливи просторни конструкции или бегалски кампови“.