Во врска со нашиот став објавен пред два броја во ова списание, да бидеме искрени, очекувавме жестока реакција и демант на поголем број наши забелешки од страна на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, но еве изостана. Во овој број продолжуваме со нашите видувања за различни теми поврзани со работата на нашата комора. Се прашуваме, како може сите комори (на адвокати, нотари, стоматолози и др.) да имаат свои ценовници, а само „нашата“ да нема свој ценовник? И на кого тоа не му одговара?
Да видиме преку една мала анализа: На сите членови на Комората, без разлика дали се од јавен или приватен сектор, им одговара бидејќи, нормално, со овој ценовник ќе се етаблираат цените на услуги далеку подостојни од овие моменталните. На државата, исто така ќе и одговара овој ценовник, т.е. повисоките цени ќе обезбедат и повисоки плати на инженерите, со тоа повисоки придонеси од платите, даноците на фирмите и слично. Останува да не им одговара само на оние во Скопје и Македонија, кои наместо досегашните, под секое ниво „непристојни“ цени на услуги, во иднина ќе мора да намалат од својата вртоглава заработувачка во градежништвото и повеќе да ги плаќаат услугите на нашите архитекти и инженери.
Инаку, според кажувањата од Комората, една од причините за недонесувањето на овој ценовник, е и немањето појдовна основа за тоа и воедно, дека тоа не било така едноставна постапка и дека барало силни анализи за да нешто не се згреши при неговото донесување. А нели се појдовна основа „сините“ таблици уште од поранешната ни држава, што секој директор на проектантско биро тогаш ги имаше во својата фиока? Да појасниме, овие „плави“ таблици се всушност документи во кои беа дефинирани процентите (бодовите) на поделба на секоја фаза од проектирањето пооделно и тоа во однос на различен тип на објект. Ќе требаше само да се обезбеди цена на еден бод, да се потврди оваа цена од страна на Владата и ценовникот ќе беше донесен за час. Но еве, ако тоа можеби беше донекаде за оправдување до јануари 2014 година, од овој датум веќе не е така. Од тогаш, имаме едно големо олеснување при дефинирање на појдовната основа за донесување на ценовникот. Имено, во јануари 2014 година со одлука на Владата, се прифати и донесе Ценовник на ИЗИИС за услугите при издавање на „Позитивно мислење за механичката и сеизмичката заштита на објектите во РМ“. Ние веднаш дадовме предлог да се искористи овој момент во донесувањето на ценовник на Комората, по следниот принцип: Ова „Позитивно мислење“ е дефакто супер-ревизија на проектот статика. Ако цената на ревизијата е 20% од цената на проектот, тогаш станува јасно дека цената на проектот статика може да се земе дека е петпати повеќе од цената на ова „Позитивно мислење“ издадено од ИЗИИС, а за кое ќе повториме, има утврден ценовник од Владата на РМ. Потоа, ако според „сините“ таблици, се знае за кој тип на објект, колку учествува проектот статика, а колку учествуваат останатите фази, лесно ќе дојдеме и до цените за проектирање и за останатите фази, а со тоа и до цената на комплетното проектирање. Притоа, и да има помали или поголеми недоследности во цените за изработка на некои поспецифични проекти (далноводи, брани и сл.), со текот на времето тие ќе се „испеглаат“. Во секој случај, каков било „лош“ ценовник да се донесеше до сега, ќе беше подобар од оној што го нема!
Исто така, предлагаме членувањето во сите управувачки органи на Комората да е волонтерско, односно за присуствата на членовите на седниците на овие тела да не се исплаќаат дневници, посебно затоа што „нашата“ Комора е непрофитна организација, па на тој начин би останале повеќе финансиски средства во касата, кои потоа може да се искористат за други подобри идеи и цели. Волонтирањето треба да биде предуслов што ќе треба однапред да го прифати секој член кој ќе биде кандидиран за некое од местата во органите на управување на Комората. На овој начин, сметаме дека ќе дојдат луѓе на кои не им е до ситни профитерства (дневници), туку луѓе кои навистина ќе работат на унапредување на Комората.
Во наредниов месец планираме уште еднаш да го поднесеме Барањето – Иницијативата за промена на Статутот преку воведување и на четврт критериум – критериум за пропорционална застапеност на членови од приватен и јавен сектор при избор на членови во casino online управувачките тела на Комората, но и ако овој пат бидеме одбиени, работите ќе мора да ги решаваме со помош на правни експерти.
Инаку, од останатите забелешки и проблематики кои се провлекуваат низ секојдневната работа и практикување на архитектите и инженерите, а посебно на оние од приватниот сектор за кои и после осум години Комората не може да истурка законски решенија, само ќе ги нафрлиме следниве:
– Нелогичноста на законското решение, на пример, овластен архитект да врши надзор на објект за фаза конструкција и да контролира, патем речено, дали е добро вградена арматурата!? И истиот тој архитект има законска можност да врши надзор над изградба, на пример, на хидро-брани!?
– Нелогичноста, на пример, овластен градежен инженер, насока – патишта, да прави ревизија на проект за зграда од високоградба!?
– Нелогичноста, градежен инженер кој нема испроектирано ниту еден мост, да може да проектира мост, само затоа што има овластување „A“ стекнато преку референтна листа на проекти од високоградба!?
– Нелогичноста на законското решение, да нема потреба за ревизија на проект, како и надзор за индивидуални куќи под 300 м2, затоа што ако хипотетички се сруши објектот заради неквалитетна градба (за разлика од една поголема зграда) бројот на жртви ќе е мал!? А ако има проект за поткровје од 25 м2 како дел од некоја зграда, потребна е ревизија на проектот и надзор, бидејќи зградата е голем објект над 300 м2!?
– Нелогичноста за индивидуални куќи под 300 м2, фирмата изведувач да дава изјава на нотар дека таа гарантира за безбедноста и сигурноста (статиката) на објектот, а од друга страна, законски не го обврзува да има вработено градежен инженер, конструктивна насока, туку доволно е само да има вработено двајца инженери од која било друга струка, на пример, еден архитект и еден машински инженер, кои патем речено, на овој начин се ставени во мат-позиција да гарантираат за безбедноста (статиката) на објектот!?
– Нелогичноста само со 5 (пет) изработени проекти, на пример, проекти за пет поткровја или проекти за пет мали куќички, млад инженер да се здобие со овластување за проектирање на висококатница од 100 ката!?
Сите овие погоре опишани сериозни забелешки (пропусти), од кои повеќето и опасни по безбедноста и животот на граѓаните, и понатаму останува да провејуваат во практиката. Дали еден ден, некој ќе сноси одговорност, останува времето да покаже.
м-р Влатко Коцевски, дипл.инж.град. (поддржан од група овластени архитекти и овластени инженери од приватен сектор)
(Во оваа прилика, на авторот Влатко Коцевски, му се извинуваме што во печатеното издание на декемврискиот број на Порта3, од текстот го испуштивме неговото име и презиме)