Архитектонското студио OMA деновиве го најави завршетокот на изградбата на De Roterdam, комплекс со различни намени организирани на 160.000 м², конципирани како вертикален град на реката Maas.
Трите меѓусебно поврзани кули се простираат на 44 ката, достигнувајќи висина од 150 м и опсег во широчина поголем од 100 м. Во секоја смисла, објектот е исклучително компактен, така што разновидните програми се организирани во дистинктивни блокови, кои се преклопуваат едни со други, во себе сместувајќи комерцијални, административни, резиденцијални простори, конференциски сали, ресторани и кафетерии. Подножјето на трите кули е предодредено за локацијата на лобито, така што со нивно поврзување се креира заедничко пешачко, јавно средиште како пристапен хол.
И покрај своите димензии и очигледната монолитност, изместувањето на блоковите низ структурата креира разновиден, ритмичен израз, диференцирајќи се од останатите делови на градот Ротердам.