Трговија со неопасен отпад може да вршат само компании кои имаат дозвола за негово складирање, третман или преработка.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, согласно најновите законски измени укинати се дозволите за тргување со неопасен отпад што некои фирми од оваа дејност ги поседуваат, иако рокот не им е истечен.
– Целта на законските измени кои веќе се во сила, односно на обврската – за тргување со неопасен отпад да се поседува и дозвола за негово складирање, третман или преработка, е елиминирање на манипулациите особено од аспект на затајувањето данок, како и контрола на материјалите, нивното влегување и излегување, – истакна Ана Каранфиловска Мазневска од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Казните за нелегална трговија со неопасен отпад се 3-5 години затвор.
Според проценките, минатата година само три до четири компании од оваа дејност ја оштетиле државата за околу 5 до 6 милиони евра со затајување данок по различна основа.
Во Македонија околу 150 компании имаа дозвола за трговија со неопасен отпад и лиценци за негово складирање, третман или преработка, додека уште 100 фирми имаат дозволи само за трговија кои практично веќе не им важат.
– Доколку овие 100 фирми обезбедат соодветни услови за третман, складирање и преработка на отпадот, ќе добијат лиценци и ќе можат да продолжат да се занимаваат со оваа дејност, – посочи Каранфиловска Мазневска.