Архитектонското биро „Деклава Грегориќ Архитекти“ ја претстави својата неодамна завршена реализација на современа карстна куќа со компактен облик во ветровитиот дел на Карстната висорамнина. Позната по својот прекрасен варовнички пејзаж, оваа висорамнина во Словенија изобилува со мали, компактни куќи кои скоро и да немаат прозорци.
Наспроти нив, монолитниот дизајн на оваа куќа, истовремено се повикува на традиционалната архитектура со воведување на современа интерпретација со чисти линии и минимална палета на материјали.
Двокатната куќа од 92 метри квадратни, е изградена за младо семејство и поседува архетипна форма со двоводен бетонски кров, а обложена е со бел варовник.
Монолитната форма е испрекината со кровни светларници и три големи квадратни прозорци со погледи кон црквата на ридот од западната страна, шумата кон јужната страна и влезните платформи на источната.
За да се направи контраст на фасадата која е со ладни тонови, архитектите вовеле волумен во центарот на куќата комплетно обложен со дрво.
На приземјето се сместени кујната, дневниот престој и заедничката бања, а на вториот кат, каде се стигнува по интересни дрвени скали, се наоѓаат спалната, собата за играње и детската соба.