Насловна / Вести / Комората на овластени архитекти и инженери започна семинари за Еврокодовите за конструкции

Комората на овластени архитекти и инженери започна семинари за Еврокодовите за конструкции

komora

Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија започна со интензивни семинари за имплементација на новите технички прописи и стандарди од Европската Унија за проектирање и градење на сите видови градежни конструкции – Еврокодовите за конструкции. Основаната идеја на еврокодовите е да се создаде единствен систем на правила за проектирање во согласност со правилата на Европскиот комитет за стандардизација (CEN).

Во текот на изминатата година, стручни лица ангажирани од Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија ја завршија ревизијата на преводите на Еврокодовите – материјал од над 5000 страници. Со тоа се отвори можност, но и потреба да се започне со имплементација на Еврокодовите, преку доедукација на инженерскиот кадар во државата.

komora (2)

За семинарите што ќе се одржуваат во Скопје, Тетово, Битола и Штип, и за кои трошокот го покрива Комората, а се изведува од експерти од Градежниот Факултет при УКИМ, се пријавени над 900 индивидуални посети од инженери – членови на Комората. Овие семинари се дел од програмските определби на Комората за континуиран професионален развој на своето членство, а воедно имаат и повисоко државно значење, бидејќи на ваков начин Република Македонија ја усогласува својата техничка регулатива со техничката регулатива на Европската Унија. Оваа имплементација веројатно ќе помогне во процесот на Евроинтеграциите на Република Македонија, но и ќе отвори пат за нашите инженери да бидат поинтензивно вклучени во меѓународни проекти.

Искуствата од имплементацијата на Еврокодовите во новите земји-членки на Европската Унија се дека оваа имплементација е процес кој трае отприлика 2-3 години, со дополнителен преоден период на паралелна примена на постојните и новите стандарди за проектирање. Комората очекува одговор на својот допис до Владата на Република Македонија за дефинирање на рокот за имплементација и почетокот на примена на Еврокодовите во Република Македонија.

 

Испрати коментар

Scroll To Top