Денес на Градежниот факултет се одржа Тркалезна маса на која се расправаше на темата – „Размена на искуства по однос на мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита“. Оваа долгоочекувана расправа е плод на различните приоди и гледања околу тоа, кој и како може да дава одобренија-мислења за објектите.
Расправата ја отвори деканот на Градежниот факултет Милорад Јовановски, а свои презентации имаа претставници од ИЗИИС, претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Блашко Димитров, професорот на Градежниот факултет Горан Марковски и претставници на Градежната Комора при Сојузот на стопански комори.
На расправата повторно на виделина излегоа спротивставените ставови на учесниците во неа. Од тоа дека не може само една институција да дава мислење, дека треба да се прави редовна ревизија на објектите и тоа од страна на ревидент со големо работно искуство во една област, па се до ставоит на ИЗИИС дека дополнителното одобрение кое треба да се добие за секој објект што се гради ќе одземе само неколку дена, а цената за тоа која треба да се плати е прифатлива, што пак носи бенефит за стабилноста на објектот и за сигурноста на луѓето.
Од расправата произлегоа повеќе ставови, мислења и заклучоци, кои заедно со дополнителни забелешки ќе треба да се достават до КОАОИ и во текот на еден месец да се утврдат и да бидат презентирани.