Геометриските обрасци на руандската уметност Imigongo влијаеле на аголните, ткаени форми на Komera Leadership Centre, проектиран од архитектонското биро BE_Design со канцеларии во Њујорк и Кигали.
Сместен во источната провинција на Руанда, локалната канцеларија на BE_Design соработувала со Rwanda Village Enterprises за да го создаде центарот, кој обезбедува простори за здравствени, образовани и менторски програми за млади жени, како и простор за заедницата.
Составен од низа блокови, Komera Leadership Center е фокусиран на голем, флексибилен простор во своето средиште, каде што збир од транспарентни подвижни панели му овозможуваат да се подели во индивидуални училници или да се отвори во голем простор за заедницата.
Над секој блок има аголен, цик-цак кров со мотиви од локалната уметност Imigongo, создавајќи геометриска форма што се рефлектира на надворешната обвивка со мешавина од ѕидови од тули во форма на рибина коска и плетени застори од еукалиптус.
Внатре, дрвени талпи ги обложуваат долните страни на косите кровови, а триаголните форми се користат за создавање високи прозорци меѓу просториите.
„Imigongo уметноста, како и традицијата на плетење кошници, се богати и присутни уметнички форми кои можат да се видат низ целата земја и се среќаваат во секојдневниот живот“, вели за Dezeen основачот на BE_Design, Брус Енџел.
„Бевме инспирирани од овие уметнички форми и вградивме заеднички мотиви и облици, особено дијамантските форми и цик-цак, горе/долу, кои исто така ја отсликуваат добро познатата топографија на Руанда и нејзиниот прекар – „Земјата на 1.000 ридови“, додадава.
На запад се поставени административни, здравствени и советодавни простори, а на исток се кујната, трпезаријата и тоалет.
„Бевме соочени со предизвикот повеќе програмски барања отколку што дозволуваше буџетот. За да го решиме ова, одлучивме да ја комбинираме потребата од сала за собири со потребата од училници“, објаснува Енџел и продолжува: „Големите подвижни панели и големите простори за складирање ни овозможија да ги комбинираме и максимизираме функционалноста на овие основни програмски делови и да останеме во рамките на буџетските ограничувања“.
Организацијата Komera работи во Руанда повеќе од една деценија, а локалната заедница и дипломиците на програмите на Komera биле ангажирани на проектирањето и изградбата на новиот Leadership Centre.
„Заедницата беше таа што го изгради Komera Leadership Center, освен некои раководни кадри, кои работеа во заедницата на некои минати проекти, сите работници живеат во ова подрачје“, вели Енџел и додава: „Се обидуваме да градиме исклучиво со Rwanda Village Enterprises, бидејќи тие секогаш наоѓаат локална работна сила составена од минимум 30 отсто жени и заедно обезбедуваме да добијат обука за добра градежна пракса“.