Го пренесуваме соопштението на ИЗИИС во целост:
Почитувани колеги и пријатели, на 15 јули 2024 г. (понеделник), во 10:00 часот во училницата во ИЗИИС, ќе се одржи комеморативна седница по повод смртта на нашиот ценет колега и поранешен директор на ИЗИИС, проф. д-р Димитар Јуруковски.
—
Проф. д-р Димитар Јуруковски (1942-2024) – градежен инженер, редовен професор. Градежен факултет завршил во 1966 г., магистрирал во 1970 г. и докторирал на Универзитетот во Белград во 1980 год. Од 1970 г. работи во ИЗИИС, почнувајќи од асистент па сè до редовен професор.
Бил раководител на Лабраторијата за динамички истражувања, заменик-директор (1981–1985) и директор (1985-1997). Престојувал на повеќе универзитети во странство. Бил активен и истакнат член на Управниот одбор на Светската асоцијација за земјотресно инженерство и Европската асоцијација за управувани конструкции. Член бил на издавачки одбори на три високо реномирани меѓународни списанија. Бил претседател на Комисијата за меѓународна научна соработка на СФРЈ.
Во текот на својот работен ангажман бил постојан претставник на Република Македонија во Советот на Европа за намалување на последиците од природните и технолошки катастрофи. На постдипломските студии во ИЗИИС држи предавања по предметите Експериментална механика, Управувани конструкции и Специјални поглавја од интелигентни материјали. Има објавено голем број научни трудови, реализирал повеќе меѓународни проекти и е добитник на повеќе национални и меѓународни признанија.
Познат е во пошироката јавност и по членствата и активностите во разни научно-стручни и граѓански здруженија.
—
Вечна ти слава професоре!