Количината на продадена облека во Европа пораснала 40% во изминатите четири децении. Проценките покажуват дека околу 5% од буџетот на домаќинствата во ЕУ се троши за купување на облека и обувки кои потоа завршуваат во мешовитиот отпад на депониите. Но, зошто расте продажбата на текстилните производи? Важни се три клучни тренда. Прво, падот на цените на текстилните производи. Се смета дека цените на обкета паднале за една третина во последните 20 години поради намалување на трошоците за производство и транспорт. Второ, појавата на брзата мода се базира на концептот на превземање на идејните решенија од модните писти и во брз рок нивно претворање во облека за масовна потрошувачка. Третиот тренд е либерализацијата на трговијата, која доведе до силен раст на увоз на облека во земјите на ЕУ, така што денес најголем дел од производите потекнуваат од Кина, Индија, Бангладеш и Турција.
Од друга страна, влијанието на текстилната индустрија врз животната средина е силно изразено и тоа во сите фази – од производството до користењето на текстилните производи. Огромни количини пестициди се потребни за одгледување на природните материјали кои се користат во производството на облека, како што е памукот. Иако памукот е еколошки прифатлив бидејќи е природен материјал, проблемот се јавува во неговиот процес на преработка кој бара огромни количини на хемикалии и вода, како и емисии во воздухот. Решението се видело во полиестерот за чија обработка било потребно помалку вода, помалку хемикалии и се генерираат помалку емисии на гасови. Но, неговото штетно влијание е поголемо во текот на користењето на производите, како и во фазата на нивното одлагање, со оглед дека перењето на облеката од полиестер испушта микропластика во водата.
Во производството на облека се користат повеќе од 1.900 хемикалии, од кои 165 се означени од страна на ЕУ како опасни за здравјето и животната средина. Огромни количини на вода и електрична енергија се потребни за фарбање и обработка. Со оглед дека процесот на производство се одвива во земјите со низок животен стандард во кои неретко постојат недостатоци од вода за пиење и енергија, и каде што постојат ниски стандарди во производството. Транспортот на текстилни производи исто така има значајно штетно влијание поради користењето на фосилни горива, како и користењето на материјали за пакување кои користат штетни материјали и предизвикуваат емисии во воздухот. Дополнително, само 1% од облеката се рециклира, а исфрлената облека на депониите создава колеми количини на метан.
Европската унија во 2018 година го усвои пакетот за циркуларна економија кој подразбира до 2025 година облеката како отпад да се собира одвоено од останатите материјали. Потребни се и промени во технолошкиот процес и во материјалите кои се користат, а со цел намалување на негативното влијание врз животната средина. Продолжувањето на животниот век на производите е исто така значаен исчекор. Секако потребни се обемни и систематични активности за познајачна промена во овој сектор.