Квалитетот на воздухот во Европа во последните децении значително се подобри. Па сепак, концентрацијата на штетните гасови и честички сѐ уште е доволно висока за да претставува опасност за здравјето. Тоа го покажуваат резултатите од истражувањето на Европската агенција за заштита на животната околина (ЕУА) со седиште во Копенхаген. ЕУА испитала околу 14 илјади индустриски постројки и електрани, со цел да ги пресмета трошоците што произлегуваат од загадувањето на воздухот. А тие, според резултатите, за 2012 година изнесуваат најмалку 59 милијарди евра, а најмногу 189 милијарди евра, во зависност од моделот на економските штети. Особено во градовите, каде живее најголем дел од европското население, измерениот процент на штетни состојки како озон, азотен диоксид и ситна прашина многу често ја надминува дозволената граница.
„Половината од трошоците предизвикани од загадувањето ги создава еден процент од индустриските погони. Тоа е застрашувачки“, вели директорот на ЕУА Ханс Брујнинкс.
Второто откритие е дека меѓу 30-те најголеми загадувачи на воздухот се наоѓаат 26 термоцентрали – најмногу од Германија, а потоа од Полска, Бугарија и Романија.
„Но и хемиската и челичната индустрија произведуваат големо количество на штетни состојки во воздухот“, вели Арне Фелерман од Европското биро за заштита на околината. Сепак, здруженијата за заштита на животната средина се надеваат дека студијата на ЕУА ќе предизвика промени во начинот на размислување.
„Но, општеството исто така плаќа и поради загубата на работни денови, поради штетите од слабите жетви, како и поради сѐ поголемата потрошувачка на енергија“, пренесува Deutsche Welle. Поради тоа, мора да се постави прашањето: што ќе се случува со индустријата? Сакаме ли да ги достигнеме енергетските цели или ќе го прифатиме загадувањето како нужно зло? И колку сето тоа ќе не чини?