Првите 5G мрежи во светот стартуваа во април 2019 година, во Јужна Кореја и во САД. Потоа следуваа во многу други земји, а токму оваа година се очекува вистинскиот бум на оваа технологија. Но, од друга страна, имплементацијата на оваа технологија е одбележана и со започнување па откажување на процесот во неколку земји. Со тоа се интензивираа и расправите во врска со штетноста на оваа технологија врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Некои стручни, некои помалку стручни и секако бројни шпекулации.
Минатиот месец, Владата на Словенија го запре воведувањето на 5G технологијата, на предлог на министерот за управа, сè додека не се испитаат ефектите на оваа технологија врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Министерот кратко ја образложил оваа одлука со констатацијата дека „сомнежите во штетноста на 5G технологијата се оправдани.“ Неодамна и Швајцарија го одложи воведувањето на 5G технологијата, после бројните протести во текот на минатата година.
Но, што всушност означува терминот 5G? Тоа е петтата генерација на мобилни телекомуникациски мрежи со соодветна инфраструктура и уреди. Главната карактеристика е наглиот скок во брзините на пренос на податоци и можноста за поголем број поврзани уреди. Со време, мрежите би требало дополнително да се развиваат и да ги зголемуваат брзините, а понудата на уреди ќе се прошири и на поширок спектар (IoT – Internet of Things).
ПРЕСВРТНА ГОДИНА ВО МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИ МРЕЖИ
Нема сомнение дека 2020 година е замислена како пресвртна точка во смената на генерации во технологијата на мобилни телекомуникациски мрежи, имајќи ги предвид досегашните интервали од околу десет години. Што се однесува до фреквенцискиот спектар, 5G мрежите во ЕУ се разделени на две групи. Фреквенцијата од 700 MHz ќе се користи во рурални средини и помалку населените подрачја, на море и слично, имајќи предвид дека подолгиот бран, односно помалата фреквенција овозможува поголем домет. Од друга страна пак, повисоките фреквенции се потребни во урбаните подрачја каде е поголема густината на корисниците, како и од аспект на потребата за поголема брзина на пренос на податоците. Основната брзина која би требало да ја постигнуваат 5G мрежите е 1 Gbps во download, што е десет пати повеќе од моментално актуелните 4G брзини.
ПРЕМНОГУ Е РАНО ЗА ЦВРСТИ ЗАКЛУЧОЦИ
Во однос на ризиците по здравјето, засега единствено со сигурност може да се каже дека сè уште е рано за одредени цврсти заклучоци, со оглед на краткото време кое е поминато од почетокот на имплементацијата. Секоја студија од овој аспект треба да опфати одреден минимален временски период на изложеност на ова зрачење. Од друга страна пак, во мноштвото од различни инфраструктурни мрежи и уреди во современото живеење (инфраструктура за пренос и дистрибуција на електрична енергија, опрема за медицински испитувања, мобилни телефони и сл.), тешко е изолирано да се утврди само влијанието од зрачењето кое се должи на 5G мрежата. Во јавноста се појавија тврдења дека 5G мрежите, особено повисоките фреквенциски спектри лошо делуваат на живиот свет, а некои отидоа дотаму да тврдат дека тие се погубни за птиците. Други пак уверуваат дека штетноста е иста како и со постоечките базни станици за 2G, 3G и 4G мрежите. Сепак, факт е дека Брисел меѓу првите го одложи имплементирањето на оваа технологија, бидејќи нивоата на зрачење ги надминуваат граничните вредности согласно тамошната регулатива која е значително построга од европскиот просек. Но, секако, сосема би било неодговорно да се тврди дека не постои никаква опасност. Имено, со додавање на уште еден слој на „инфраструктура“ се зголемува електромагнетното зрачење, покрај антените кои веќе постојат од другите генерации на мобилни телекомуникациски мрежи. Според тоа, целиот проблем со електромагнетното зрачење мора да се разгледува интегрирано, а не селективно.
Денес, речиси не постои човек кој повеќе или помалку не е изложен на т.н. нејонизирачко електромагнетно зрачење кое потекнува од модерните електрични уреди што ги употребуваме во секојдневниот живот. Радиофреквентното електромагнетно зрачење е невидливо, но кога би можеле да го видиме, тоа би изгледало како магла насекаде околу нас, со посебно густи „облачиња“ околу луѓето кои зборуваат преку мобилни телефони. Особено густи облаци од континуиран електромагнетен смог „би забележале“ околу антенските столбови преку кои се емитува радио и ТВ-програма, како и околу антените на базните станици за мобилна телефонија. Ваквото нејонизирачко електромагнетно зрачење понекогаш го нарекуваме „електромагнетен смог“. Зборот смог е изграден од два англиски збора: „smoke“ – што значи чад, и „fog“ – што значи магла. Како и вистинскиот смог, електромагнетниот смог исто така може да има сериозно негативно влијание врз здравјето на луѓето и живите организми, особено ако јачината на електромагнетното зрачење е поголема од препорачаната гранична вредност. Според Светската здравствена организација (WHO-World Health Organization), електромагнетното зрачење е поврзано со појавата на леукемија кај деца и генерално е потенцијално канцерогено за луѓето.
Во Македонија нема многу истражувања кои се однесуваат на оваа тема, односно за поврзаноста на овој вид зрачење со јавното здравје, но мора да се потенцира дека информирањето на јавноста за овие теми е од особена важност. Дотолку повеќе што секоја, особено урбана средина е испресечена со инфраструктура која емитува електромагнетно зрачење, а извори на вакво зрачење се и електричните и електронските уреди кои секојдневно ги користиме.
МОМЕНТАЛЕН ТРАНСФЕР СО 5G ТЕХНОЛОГИЈАТА
Денешната технологија во дел од секундата испраќа и прима податоци помеѓу паметните уреди и интернетската мрежа. Кај 5G технологијата овој трансфер се одвива речиси моментално. Брзината е илјада пати поголема во споредба со 4G мрежата. Се одликува со поголема ефикасност на уредите, поголема сигурност на мрежата, како и можност за спојување до милион уреди на квадратен километар. Ќе се намали доцнењето на сигналот, со што ќе се подобрат на пример преносите на натпреварите во живо. Но, сепак самата 5G технологија нуди многу повеќе од побрз интернет и уживање во забавните содржини. Со употребата на 5G мрежата ќе се развива вештачката интелигенција и ќе се отвораат можностите за нејзина поширока примена во индустријата, земјоделството, образованието, здравството, а ќе се гради и паметна градска инфраструктура, унапредувајќи го начинот на функционирање на јавните служби. Со ваква технологија, возилата ќе може да комуницираат помеѓу себе и ќе разменуваат податоци. Хирурзите ќе може да разменуваат податоци со своите колеги во операциските сали во реално време, без оглед каде во светот во моментот се наоѓаат. Изведувањето на операции на далечина преку роботски раце, исто така ќе биде пракса. И конечно, 5G мрежата ќе го промени начинот со кој ракуваме со нашите домашни апарати, преку можноста за нивно вмрежување и далечинско управување со нив.
Штетното дејство од изложеноста на радиофреквенциите е долгогодишна грижа за многу граѓани, која неретко резултира и во јавно спротивставување на поставувањето на базни станици во одредено подрачје и слично. Во 2017 година направено е истражување од страна на Питер Видман од Универзитетот во Волонгонг во Австралија, кое опфаќа 2.450 граѓани од шест европски земји, и утврдено е дека околу 40 отсто од испитаниците имаат одредена загриженост, додека 12 отсто се сериозно загрижени за последиците од електромагнетното зрачење.
ЗРАЧЕЊЕТО ОД 5G МРЕЖАТА НЕМА ЗНАЧИТЕЛНО ДА СЕ РАЗЛИКУВА
Иако ефектот од зрачењето предизвикано од 5G мрежата сè уште не е истражувано во детали, веројатно е дека нема значително да се разликува од постоечките мобилни мрежи бидејќи основите на технологијата се исти: обезбедување доволно силен сигнал за овозможување комуникација. Извештајот од 2019 година (Public exposure to radiofrequency electromagnetic fields in everyday microenvironments: An updated systematic review for Europe, Environmental Research Volume 176, September 2019) за влијанијата на радиосигналите врз животната средина, не укажува на зголемување на нивоата на зрачење, и покрај драматичното зголемување на безжичните комуникации. Во извештајот се тврди дека нема зголемување на вкупните нивоа на зрачење од 2012 година наваму, делумно поради „подобрувањата во ефикасноста на овие технологии“.
Уште од шеесеттите години на минатиот век, многу студии ги испитувале можните биолошки и здравствени аспекти од изложеноста на овој вид зрачење, а денес постојат неколку илјадници трудови од оваа област. Првично, изработката на овие студии била мотивирана од загриженоста за здравјето на работниците кои биле изложени на зголемени вредности на електромагнетно зрачење. Дури во последните години, се појавуваат студии кои се фокусирани на потенцијалните ризици за здравјето и за животната средина предизвикани од телекомуникациската инфраструктура, но сè уште многу малку истражувања се од областа на 5G мрежите.
Повеќето земји имаат усвоено гранични вредности на изложеност на радиофреквенции, кои се главно во сличен ранг, но некои како на пример Италија, Белгија и Индија, како и некои градови (Брисел, Париз) поради претпазливост имаат усвоено пониски гранични вредности (better safe than sorry).
Во својот извештај за 2018 година, Swedish Radiation Safety Authority (2019:08 Recent Research on EMF and Health Risk, Thirteenth report from SSM’s Scientific Council on Electromagnetic Fields, 2018) заклучува дека „и покрај непостоењето на воспоставен механизам (ми) за следење на влијанието врз здравјето и животната средина, секако постои потреба за поголем опфат на истражувања во делот на новиот опсег на фреквенции, како што е тоа 5G мрежата.
ДЕЛ ОД НАУЧНИЦИТЕ СЕПАК УКАЖУВААТ НА ШТЕТНОСТА
Меѓу научниците кои најостро се спротивставуваат и укажуваат на штетноста од 5G технологијата, се чини дека најрадикални се ставовите на Martin Pall, пензиониран професор по биохемија од Washington State University. Тој е еден од најекспонираните научници на јавната сцена во оваа област. Во своите бројни јавни презентации и во својата online book on 5G, тој пласира бројни сензационални тврдења – како на пример дека 5G ќе предизвика „речиси моментален“ пад во човечката репродукција на вредности „блиску до нула“. Тој вели дека „поставувањето на десетици милиони антени без ниту еден биолошки тест за безбедноста е најглупавата идеја во историјата на светот“. Pall е категоричен дека сегашните зрачења од 2G, 3G и 4G технологиите, се поврзани со: намалување на плодноста, несоница, замор, депресија, големи промени во структурата на мозокот кај животните, оштетувања на ќелиските структури на ДНК, оксидативен стрес, хормонски пореметувања, рак и уште многу болести и состојби. Како најсериозни тој ги посочува влијанијата врз нервниот систем и ендокриниот (хормонален) систем. Ако се продолжи по овој пат, стапката на болести само ќе расте, тврди тој. Свесноста е клучна и едноставно информирањето за овој проблем е голем чекор во вистинската насока.
Други групи пак, особено во Европа, вршат притисок за мораториум во имплементацијата на 5G. Во август 2019 година, потпишан е апел од страна на 245 научници со кој се бара одложување на имплементацијата на 5G додека не се истражат целосно потенцијалните штети за човечкото здравје и животната средина. Меѓу останатото, во овој апел се вели: „И покрај општото одрекување, доказите дека радиофреквентното зрачење е штетно за животот се непобитни. Акумулираните клинички докази, експерименталните докази за оштетувањето на ДНК на клетките и на органските системи на растенијата и животните, како и епидемиолошките докази дека главните болести на модерната цивилизација – рак, срцеви заболувања и дијабетес, во голема мера се предизвикани од електромагнетното загадување, сочинуваат документациска база од над 10.000 стручно рецензирани научни трудови. Ако плановите на телекомуникациската индустрија за 5G се остварат, никој на Земјата не ќе може да ѝ избега на опасноста, која ќе предизвика непоправливи влијанија врз луѓето, но и трајни оштетувања на сите екосистеми на Земјата.
Но, сепак, уште во 2017 година од Европската комисија беа јасни дека какви било барања да се запре имплементирањето на 5G технологијата се драстични и непотребни. Тие се согласни дека штетните влијанија на оваа технологија мора да се испитаат, но тоа не може да се направи без да помине одредена временска дистанца од нејзината имплементација.