Дваесет и пет метри високиот берлински AquaDom,, најголемиот цилиндричен аквариум во светот, неочекувано се скрши пред десетина дена и предизвика вонредна состојба бидејќи го поплави хотелот Radisson Collection каде што се наоѓаше, како и улиците во околината на целиот комплекс DomAquarée.
Од инженерска перспектива, приказната е фасцинантна, бидејќи неговата конструкција била таква што тоа не смеело да се случи. Во очекување на официјалните резултати од истрагата, физичарот од Сан Франциско, Луис Батаља, даде анализа за тоа што можело да тргне наопаку, а од неа можеме да научиме нешто за својствата на пластиката што се користила во изградбата.
Како притисокот на водата го скршил акрилот
Аквариумот е направен од акрилен полимер (PMMA), кој има интересно својство – на одредена температура преминува во состојба помеѓу стаклено и гумено.
Дури и на собна температура, акрилот е многу под преодна температура, но како што температурата паѓа, акрилот станува експоненцијално покршлив.
Кога надворешната температура паднала значително под нулата, температурата во фоајето исто така паднала, а високиот притисок на водата станал доволен за да го скрши акрилот.
Деформација при лом (εfr) за акрил се распаѓа експоненцијално како што паѓа температурата
За жал, само неколку од 1.500 риби од аквариумот преживеале, а среќа е што во инцидентот немало човечки жртви, објави порталот Hackday.
Во медиумите можеше да се види како силата на водата ја уништи вратата и ги изнесе урнатините на улица, па се претпоставува дека ќе помине многу време пред некој друг хотел да посака да има ваков проект како атракција.
Доскорешен Гинисов рекордер
Лоциран во квартот Berlin-Mitte, AquaDom е отворен на 2. декември 2003 година и чинел околу 12,8 милиони евра. Акрилниот цилиндар е произведен од International Concept Management, Inc. со користење на панели Reynolds Polymer Technology, а архитектонските цртежи се од Сергеј Чобан.
Аквариумот е направен од 41 акрилни плочи – 26 панели за надворешниот цилиндар и 15 панели за внатрешниот цилиндар за лифтот – кои се меѓусебно поврзани на лице место. Со дијаметар од околу 11 метри и висина од околу 16 метри, ослонет на основа висока 9 метри, беше впишан во Гинисовата книга на рекорди како најголем цилиндричен аквариум во светот.
Водениот столб е висок 14 метри и наполнет со милион литри солена вода, содржел околу 1.500 тропски риби од над 100 видови. Во 2020 година, AquaDom е реновиран и надграден, при што целата вода од аквариумот била испуштена, а рибите привремено преместени во објект за одгледување во подрумот.