Сантијаго Калатрава доби 2005 година AIA Златен медал во Washington DC. На врачувањето на наградата тој истакна: “Еден Градител, (тој читаше библиски текст) мора да спроведува дух над човековата способност “. Калатрава е инкарнација на еден таков градител.
Но, и арх. Зоран Мисовски е еден таков градител, кој со својата стручност, посветеност и упорност овозможи Арената Филип II Македонски да добие „златен медал“ за да сме горди и среќни што милиони луѓе од светот го пратеа Супер купот во фудбал од нашата Арена.
Но, претходно во медиуми можеа да се видат разни текстови во стилот: УЕФА се заканува дека, ќе ни го одземе правото за организирање на Финалето помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед да се игра во Скопје поради технички проблеми и грешки во Стадионот и надвор од него
Што е точно ? Одговор побаравме токму од арх. Зоран Мисовски, кој е вклучен во изградбата на Стадионот од почетокот и кој прифати да даде изворни информации за се она што се случуваше во месеците пред Супер купот и за сите „проблеми“ и „грешки“ најавувани од многу страни и медиуми. Еве ви го неговото видување.
-„Најпрвин, дозволете во мое име и во име на целокупниот тим кој беше ангажиран во реализацијата на овој, би рекол грандиозен проект, да ви се заблагодарам за покажаниот интерес. Како што и самите рековте дека последните два месеци пред одржувањето на Супер купот во многу медиуми се појавија дезинформации и невистини.
Нај одговорно ви тврдам дека во ниту еден момент не стануваше збор за тоа дека постојат било какви технички проблеми или грешки на стадионот и доколку не се отстранат, нема да се одржи Супер купот. Едноставно мислам дека повеќе стануваше збор за политикантсво, а не за било каква опасност да не се игра Супер купот. Само како наједноставна потврда за претходното: Во моментот кога почнаа и сите написи по медиумите, во истиот период се пуштија во продажба и билетите за настанот од страна на УЕФА. Јас си го поставувам прашањето: Ако навистина е доведен во прашање Суперкупот, дали УЕФА ќе ги пуштеше во продажба билиетите на кои пишува Национална Арена Филип II Македонски – Скопје ????
Националната Арена Филип II Македонски, во март 2015, заедно со Фудбалската Федерација на Македонија и Градот Скопје, поднесоа апликација за организирање на групна фаза од европските квалификации во фудбал познати како ЕУРО 2020. УЕФА, после спроведените детални анализи, наместо организирањето на ЕУРО 2020 ни го додели организирањето на Супер купот во фудбал за 2017 година, во мај 2015 година. Веќе во септеври 2015 година беше првата посета од страна на екипата од УЕФА која точно ги дефинираше сите барања од нивната страна кои треба да бидат спроведени и направени до 8 август.2017 кога е закажан и натпреварот, како од страна на Стадионот, така и Градот домаќин. Точно беа дефинирани и датумите за сите 4 следни посети или поточно речено-инспекции, како би се следеле реализацијата и квалитеот на изведените работи. При секој нивна посета се зголемуваше и бројот на луѓе кои надгледуваа разни обасти. Првата посета беа тројца, втората посета-12, третата посета-41, четвртата -62 и петата околу 40 луѓе. Тие не оставаат ништо на случајност. Проверуваат до најситен детал и бараа секои 15 дена да им доставуваме и фотограии за напредокот на работите. Едноставно нивните барања беа да се доведе стадионот во секој поглед да не заостанува во ништо во однос на другите стадиони кои организираат натпревари од овој ранг. Најголеми барања им беа во поглед на безбедноста на сите, публиката и персоналот кој работи. Заштитите посебно во делот на струјата мораат да бидат по сите светски стандарди. Плановите за евакуација со сите сценарија за евентуални несакани настани, мораа да бидат разработени и јасно обележени, грижата за лицата со најразлична попреченост мора да се спроведе до совршенство, од обележување, пристапност, санитарии, паркинзи.
Мислам дека човек треба само да го доживее овој ангажман и да види дека навистина цел живот се учи и се добиваат нови сознанија. Последните 15 дена пред Супер купот беа навистина убиствени. Ние од ПУИГ, бевме екипа од дваестина, главно инженери од сите области во градежништвото, но и други колеги од најразлични профили. Работното време почнуваше во 7,30 а завршуваше……навечер во ноќта, кога веке немавме душа во себе тој ден, па моравме да одмориме. Се работеше и за празник и за викенд само да се завршат сите подготовки за тв преносите кои всушност се и најбитната работа на еден ваков настан. ТВ преност и новинарите. Тие се светиња за УЕФА, бидејки од нив ги добиваат и најголемите приходи.
Читав дека стадионот не бил безбеден, немал доволно влезови, не чинел видео надзорот, не чинел теренот за игра, осветлувањето и уште многу работи. Од страна на УЕФА никогаш немаше забелешки дека нешто не чини, туку се бараше подигунување на нивото на квалитет, посебно за ВИП гостите, така и за гостите од спонзорите на настанот. Само да ги потсетам колегите архитекти и градежници, ниеден стадион не се проектира и димензионира на полнење. Тоа трае минимум два часа. Димензионирањето е на празнење, за колку најбрзо можете да го испразните целиот стадион. Ако Националната арена треба итно да се празни низ сите излези, не само четрите пристапни моста туку и вертикалните скали кои ги има на секоја трибина, празнењето е пресметано на 15 минути, што е во светски рамки.
Медиумите пишуваа дек теренот не чинел и дека ќе треба да се менува. Не е точно, теренот доби највисока оцена од стручните лица на УЕФА. Теренот беше во беспрекорна состојба, играчите и стручните тимови како и експертите од УЕФА беа презадоволни од квалитетот на тревната површина, имајќи предвид дека во претходниот период имавме температури од 40 степени целзиусови. Воедно и последните два месеци се одиграа само два натпревари : Македонија-Шпанија и Вардар-Копенхаген, така да теренот беше максимално заштитен.
Веднаш по завршувањето на првата посета од УЕФА, се отпочна со изготвување на потребната проектна документација која требаше да овозможи и исполнување на сите нивни барања. Барањата не беа ништо спектакуларно, туку доведување на стадионот на едно повисоко ниво на квалитена понуда и услуга на гостите. Можам слободно да ви кажам дека во внатрешниот периметар на стадионот- гледалиштето и теренот немавме, верувајте, никакви интервенции. Стадионот ги задоволуваше во целост светските стандарди. Единствените градежни интервенци на стадион беа направени во делот на приземјето на источна трибина, како и на делови од северната трибина. Во делот на источна трибина се направија канцеларии за потребите на персоналот на УЕФА кој за натпреварот достигна околу 150 луѓе, кои беа ангажирани во организација на настанот и задолжени за посебни области. Вториот дел беше Центарот за акредитација, во кој се евидентираат сите лица кои директно или индиректно се вклучени во самиот настан. И третиот дел беше за потребите на ФФМ и волонтерите кои опслужуваа.
На Северна трибина, покрај изведбата на фасадното обликување, се изведоа и ресторан „Супер куп клуб“ кој беше наменет за гостите од спонзорите и капацитет за 800-900 гости, санитарни простории и две кујни, како и ВИП ресторанот на третиот кат кој доби нови површини. Сакам да напоменам дека сите простории, ново оформени како и претходно кои веќе беа во функција, сега се комплетно климатизирани и целосно вентилирани. На овој начин се добија нови функционални површини со околу 6.500 м2, кои понатаму ќе служат за стопанисување и остварување на дополнителен приход кој ќе овозможи и рентабилно менаџирање со стадионот, кој до сега создаваше само трошоци.
За потребите на СуперКупот во непосредна близина на стадион се изведе и таканаречен ТВ Компаунд од 3.000 м2 кој служеше за сместување на репортажните возила од цела Европа кои вршеа директен ТВ пренос во своите земји. Овој „објект“ ни ги направи во ствари и најголемите главоболки. Имено уште во март 2016 година почнавме со изготвување на потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење при Општина Центар. После одобрувањето на АУП-от за локацијата и основниот проект за предметната локација, во декември 2016 добивме и три решенија за градба за кои не е потребно одобрение – две за парцелите и едно за потпорен зид со ограда. На почетокот на март 2017 година, откако беа започнати сите градежни активности-ископи, насипи, изведен целосно потпорниот зид, општината се прогласи за не надлежна за издавање на решенијата, бидејки АДСДП било формирано од страна на Владата на РМ, ги поништи двете решенија за парцелите, а го остави во важност решението за потпорниот зид, и не упати нови Решенија да бараме во Министерство за Транспорт и врски како надлежна институција. За иронијата да биде поголема,
Опшнита Центар после кратко време ги укина и четири ДУП-а, меѓу кои и ДУП Централно зеленило покрај река Вардар и го стави во важност ДУП-от од 2004 год. Прво изгубивме повеќе од еден и половина месец за да добиеме нов Извод од план. Требаше да се изработи комплетно нова проектна докуменација, во согласност со новиот извод од ДУП. Ова навистина предизвика и нервоза кај сите, дали ке можат да се сместат репотажните возила на предвиденото место. Како што знаете, сите активности беа завршени на 10 јули, што беше точно еден месец пред натпреварот, кога беше и последната посета од УЕФА, заедно со претставниците од двата клуба, Реал и Манчестер. Со еден збор немаа ниту едно барање да не е исполнето согласно нивните препораки.
После оваа посета, едноставно запреа сите злонамерни коментари, бидејќи немаше основ за било каков коментар. Тоа што ме воодушеви кај организаторите нивната тимска работа, брзина и прецизност на сите активности. Јасно ми е дека вакви натпревари организираат секои две недели ширум Европа и дека се уиграни, но сепак, за само седум дена му го сменија изгледот на стадионот, поставија илјадници метри на кабли, најразновидна опрема. Од наша страна пак за секој сегмент имавме ставено соодвете стручен кадар кој во најкраток можен рок ги решаваше сите ситни проблеми ако се појавеа некаде. UEFA не го криеше задоволството од нашата ораганизираност и кооперативност. При нивната полседна посета од 10-14 јули тие најавија дека нивното доваѓање во Скопје и на стадионот ќе биде како едно големо „цунами“. Да бидеме подготвени дека ќе бидеме под голем притисок од нивна страна. Мислам дека многу лесно се справивме со тоа „цунами“ бидејќи секој од нас си ја знаеше перфектно својата задача и навистина бевме како алки во еден синџир. Всушност сите работевме само со една цел – да нема никаков проблем, и доколку се појави, веднаш да биде решен. Едноставно сите живеевме за 8 август, за така наречениот Меч деј.
Сите поставуваат неколку прашања. Колку ова чинеше, кој ги сноси сите трошоци, кои се бенефитите од самиот СуперКуп ???
УЕФА определи само 150.000 евра за точно дефинирани трошоци за самата организација како што се огради, ИТ опрема, чистење на стадионот, медицинска помош за време на настанот, обозбедување и редари и др., да не ги набројувам сите трошоци кои беа платени од страна на ФФМ. За мене најголемата придобивка е самиот настан, кој сега беше и не знам кога ќе има следен пат. Придобивката е што добивме признание како најдобро организиран Супер куп до сега и дека имале најдобри услови за работа. Дека на овој начин и ние сме го подигнале нивото на квалитет и дека од следните организатори ќе ги бараат истите услови како и во Скопје. Мислам дека за сите нас, коишто бевме директно вклучени во подготовката и реализацијата на Супер купот и нема поголемо задоволство од едно вакво признание. На овој начин на сите скептици кои се плашеа дали ќе успееме, слободно можеме да им кажем – да, успеавме. Со ова Арената веќе влезе во барабанот на УЕФА дека во Скопје може да се направи добар спектакл, и мислам дека само прашање на време е кога Скопје ке биде повторно одбрано да организира следен меч, знаејки дека постои целата инфраструктура, а имаат и подготвена екипа кој веќе знае што треба да прави. Како комерцијална добивка за АДСДП и самата дражава е, како што и на почетокот кажав сее добиените околу 6.500 м2 корисна површина во подтрибинскиот простор со која ќе може да се стопанисува.
Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите фирми и луѓе кои беа ангажирани како изведувачи или подизведувачи во сите фази на реализацијата, кои несебично работеа како на -22С во текот на зимата, така и на +42С, само и само да се завршат на време работите.
Душанка Балабановска, архитект