Музејскиот комплекс, што ги вклучува Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музејот на ВМРО и Музејот на жртвите на комунистичкиот режим – е еден од доминантните објекти на проектот „Скопје 2014“. Работната група при Министерството за култура, која го стави на ревизија фамозниот проект што го смени лицето на главниот град, реши да ги отстрани споменикот на Ќосето и споменикот на Александар на скопскиот аеродром, на маса го стави и Музејот чија изградба се поврзува за мегаломанската потреба на Груевски за акцентирање на историјата и освојување на етикетите во прилог на неговото владение и воспевање на партијата.
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој непосредно по неговото именување изјави дека оваа културна установа е срам за странските посетители, според директорот на Музејот, Бранислав Светозаревиќ, никогаш не стапнал таму и не може да суди додека не го види.
Нерегуларности поврзани за Музејот беа констатирани во законитоста со која биле спроведувани тендерските постапки во изградбата за што кривичниот суд во Скопје соопшти дека Советот за оценка на обвинителен акт го одобри обвинението за предметот „Тендери“ на специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
Веќе почна судскиот процес за обвинителниот акт во кој поранешната министерка се товари дека ја злоупотребила службената положба, односно дека без завршена постапка за јавни набавки дозволила фирмата „Бетон“ од Штип да изврши градежни работи во Музејот на ВМРО, што довело до оштетување на државниот буџет во висина од 54 милиони денари.
Но, според Светозаревиќ, овие обвиненија се друга приказна, а за опстанокот на Музејот и колку неговата содржина е оправдана, треба да се одлучува според други аргументи. Тој тврди дека во книгата на впечатоци се потпишале високи светски државници, редовно го посетуваат воени делегации, генарали на НАТО, дури и гости на новата власт, а објектот се изнајмува за разни намени, од венчални ритуали до свечени ручеци на фудбалски тимови, како „Реал Мадрид“. Користењето на луксузната конференциска сала чини и 200 евра од час, но, од друга страна, за разни општетствено корисни настани и социјални групи тој се отстапува и бесплатно.
Годинава Министерството за култура на оваа установа ѝ одобрила 120.000 денари за проекти, што, според директорот, е минимална сума, но самоодржливоста е голем адут на Музејот и тој вели дека можеби ова е единствената културна установа што работи со бонитет. За одржување на објектот годишно се потребни и по 50.000 евра, средства што се добиваат од издавање на просторот и од продажба на билети.
Странските туристи се редовни посетители на Музејот и за еден час прошетка низ македонската историја добиваат една општа слика за историските состојби во изминатите два века.
За оспорувањата и етикетирањата како еден од престижните објекти на минатата власт и Груевски, за кој се потрошени повеќе од 12 милиони евра, директорот тврди дека некој од ресорното Министерство треба да го посети, па потоа да суди. Според Светозаревиќ, членовите на работната група што треба да одлучуваат за иднината на Музејот не се компетентни бидејќи за тоа е потребна одлука на еминентни историчари, како што било при самото формирање на концептот. Консултирани биле повеќе од 40 историчари, кои ги изнеле своите ставови, а еден од главните атрибути според посетителите е токму фактографскиот пристап и присуството на објективни факти што не поддржуваат ниту една политичка опција, туку се застапени и леви и десни, и претставници на сите можни етнички групи што биле дел од создавањето на македонската историја.
Доколку дојде до рушење или пренамена, прашање е што ќе се прави со многубројните донации на предмети што стигнувале од сите страни на светот.
Наместа со морбиден приказ на извесни историски сцени што личат на филмска сценографија, кои можеби не се пријатно искуство за секого, но сигурно е дека се впечатливи и оставаат сензација кај посетителот.
Дали ќе биде истакнато културното, едукативното или, пак, туристичкото значење на овој музејски комплекс или тој ќе биде пренаменет, останува неизвесно.
Културната установа се простира на површина од 2.500 квадратни метри, од кои 800 му се отстапени на Музејот на жртвите на комунистичкиот режим. Комплексот е поделен на 16 одделенија, мултимедијален простор наменет за семинари и конференции, библиотека и интернет-кафе. Изработени се 108 восочни фигури, а ликовните решенија на големите платна што прикажуваат масовни историски сцени се во најголем дел авторство на руски сликари.
Алаѓозовски неодамна изјави „во 2018 ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот ’Скопје 2014’, кои по својата природа не може да претставуваат културно наследство“.
Воедно, тој најави и нова стратегија за заштита и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство.
(Макфакс)