Иднината на архитектурата зависи и од промените кои се случуваат во светот, односно за да се држи чекор со изменетото опкружување и архитектурата мора да се прилагоди. Токму тоа го направил објектот The Edge во Амстердам, каде со најиновативни технологии направена е трансформација на канцеларискиот простор за максимално искористување на расположивите ресурси. Проектот е дело на PLP Architecture, a според Bloomberg, тоа е најпаметната зграда во светот.
Денот во компанијата започнува со апликацијата за паметни телефони развиена од страна на консултантската компанија Deloitte. Од моментот кога вработениот се буди, апликацијата го проверува неговиот распоред, зградата го препознава неговиот автомобил и го насочува на паркингот. Има одвоена гаража за велосипедите и бесплатни полначи за електрични автомобили. Во самата зграда, апликацијата Ви пронаоѓа соодветно биро, а работните простори се флексибилни според моменталниот распоред и работните задачи. Така околу 2500 работници делат 1000 бироа. Концептот се вика hot desking, и неговата цел е да поттикнува интеракција и ефикасно искористување на просторот. Каде и да се движите низ зградата апликацијата ги следи Вашите преференции за температурата и интензитетот на светлината. Некои канцеларии имаат само лежалка и лампа – совршено за телефонирање. Тука се и кафе барови со апарати кои го паметат Вашето омилено кафе. Холанѓаните за сето ова имаат еден израз het nieuwe werken, што значи „нов начин на работа“
Оваа зграда е најзелената на светот според BREEAM, со оценка за одржливоста од 98,4%. Супер ефикасните LED панели, кои компанијата Philips ги има посебно направено за овој објект, користат минимална количина електрична енергија, така што можат дa се напојуваат со истите кабли кои пренесувааат податоци за интернет. Панелите исто така се опремени со мноштво сензори – за движење, светлина, температура, влажност, инфрацрвени зраци и сл., создавајќи „дигитален плафон“ кој ја поврзува целата зграда. Edge е energy plus зграда, односно произведува вишок енергија, откако ќе ги задоволи соспствените потреби, а тие се многу ниски. Имено, овој објект троши 70% помалку енергија споредено со класична деловна зграда.