Насловна / Архитектура / Кој ќе проектира болница во Скопје за 12 денари квадратен метар?

Кој ќе проектира болница во Скопје за 12 денари квадратен метар?

Министерството за здравство распиша Конкурс за избор на Идеен проект за Нова Градска болница во општина Аеродром. За победниците на конкурсот предвидени се награди во висина од 5.000, 2.000 и 1.000 евра во денарска противвредност. Некому овие пари изгледаат повеќе од доволни, но ако се има предвид дека станува збор за проектирање на објект од категорија здравство, сложен со својот обем и функција и се однесува на површина од 18.640 квадратни метри цената за проектирање изнесува 12 денари за еден квадратен метар – што е најблаго речено, понижувачки.

Според тендерската документација наградите истовремено ќе бидат и откуп на авторските права и обесштетување на авторите во целост, за што тие ќе треба да дадат писмена согласност. Ова значи дека доколку го прифатат овој услов авторите немаат никакво право на својот проект. Минимални услови за утврдување способност на учесниците на Конкурсот се Лиценца А за проектирање и овластување А за изработка на проектна документација.
По изборот на првонаграденот труд ретко се случува авторот да го изработи и Основниот проект. Многу лесно може да се случи, што е веќе видено од досегашната пракса, Основниот проект да го добијат градежни компании кои поради занимавање и приходи од градба имаат можност за банкарски гаранции и поголем број вработени инженери за разлика од проектантските бироа. Секако дека Основниот прект ќе оди на јавно наддавање преку електронска аукција каде пресудна ќе биде најниската цена и условите за фирмите кои најчесто се препишани од споменатите градежни компании. Значи извесно е дека ќе се случи истото многупати видено до сега, Основните проекти наместо проектантски бироа да ги работат градежни компании, кои со леснотија посегнуваат и по измени и по авторство.

Членови на комисија која ќе ги оценува пристигнатите проекти се Веселинка Герасимовска Петровска, архитект во Градежен институт Македонија-ГИМ и члeн на одделението за архитектура при Комората на овластени архитекти и инженери, архитект Љупчо Балковски, пред некој ден вработен во проектната единица за имплементација на Министерството за здравство и директорот на болницата „Св. Наум Охридски“ д-р Иван Спировски. Архитект Веселинка Герасимовска Петровска е член на работната група во Комората при одделението за архитекти која интензивно работеше на нацрт тарифникот за инженерски услуги и кој чека усвојување на Собрание на КОАИ кое треба да се одржи кон крајот на месецов. Во нацрт тарифникот за објекти од оваа категорија В2- здравство, предвидена цена без ДДВ е 483.60 денари за метар квадратен за сите фази. Архитектурата во овој тип објекти учествува со скоро 50%, што значи 241.8 денари наспроти понудените 12 денари од Министерството за здравство.
Во разговор со архитект Герасимовска Петровска за ниската цена понудена со наградите, таа изјави дека е изненадена од цената и дека не ја знаела кога прифатила да биде член на комисијата за конкурсот.

Министерството за здравство предвидува префрлањето на старата градска болница од строгиот центар на Скопје во нов објект на местото на Мајчин дом во населбата Аеродром. Објектот на Мајчин дом во моментов функционира како Ортопедска клиника. Пристапот до објектот како што е предвидено со ДУП-от останува исто како и до сега преку улицата „Васко Карангелевски“ и булевар „Јане Сандански“. Овие сообраќајни пристапи предвидени се и функционираат до собирните улици за станбените згради во населбата и до Мајчин дом кој и сега, откако е претворен во Ортопедска клиника, во работно време тешко функционираат. Пристапот од булеварот до предметната локација функционира преку паркинг наменет за станбените згради.

болница

На соседната парцела до Мајчин дом е онаа спорна локација за станбена зграда, околу која се дигна многу прашина и од сегашниот градоначалник, кој тогаш беше опозиција и изјавуваше „Ваквите градби од бизнис интерес на власта на ВМРО-ДПМНЕ и Коневски се вистинска еколошка катастрофа за Аеродром. Спремен ли е Коневски да го ризикува здравјето на граѓаните на сметка на бизнис интересите? Свесен ли е дека со овие градби дополнително ќе се спречи струењето на воздухот покрај Вардар?“.

Оваа зграда е предвидена со катност П+8+Пк и бруто развиена површина од 20006 квадратни метри. Што значи паркирање на повеќе од 250 возила кои треба да пристапуваат од истите сообраќајници по кои ќе се пристапува и до новопредвидената болница.

Градската болница која е предмет на распишаниот конкурс е со висина 18 метри, односно П+4. Многу повеќе од објектот на Мајчин дом кој е П+1. Новата болница е и со многу поголем процент на изграденост и коефициент на искористеност.
Проектната програма е уопштената. Претпоставениот капацитет за вработените е 280 медицински лица, болничари и медицински техничари 110 лица, административен персонал 30 лица. Се наведува дека се предвидуваат 20 амбуланти, капацитет за сместување на 240 пациенти, интензивна нега за 20 пациенти, осум хируршки сали, комплетна лабораторија, радиолошки оддел со апарати за мамографија, компјутерска томографија, магнетна резонанца, рендген дијагностика и уште многу медицински и помошни простории.

Префрлањето на старата градска болница од строгиот центар на Скопје во нов објект на местото на Мајчин дом во Аеродром пред повеќе од еден месец го најави министерот за здравство кој изјави дека зградата на поранешна градска болница е премногу стара и руинирана и дека секоја реконструкција нема да има долгорочен ефект. Сакајќи да се избегне сообраќајниот хаос околу Градската болница во центарот на градот, истата ќе се префрла на нова локација, која според предвиденото евидентно е дека ќе биде повторно во сообраќаен хаос, само на ново место.

Испрати коментар

Scroll To Top