Уште пред неколку години, Владата на Република Албанија излезе со став дека наскоро државата ќе добие нов Национален фудбалски стадион. Првичните планови беа да се урне сегашниот стадион „Кемал Стафа“ во Тирана и на негово место да се изгради нов, модерен стадион кој ќе ја преземе улогата на Национална арена, каде што Албанија ќе ги игра своите репрезентативни средби.
Албанците распишаа конкурс и веќе го избраа идејното решение за новата Национална арена. Победник на конкурсот беше мултинационалната компанија „MANICA Architecture and Progetto CMR“, која веќе го презентираше изгледот на арената во Тирана. Сепак, на почетокот на оваа година, премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека новиот стадион нема да се гради на местото на сегашниот стадион „Кемал Стафа“, туку 40 километри подалеку од престолнината, во градот Елбасан. Во исчекување на точното место на градење на стадионот, веста беше изложена и пред првиот човек на УЕФА Мишел Платини, со ветување дека новиот Национален стадион на Албанија ќе биде готов до 2018 година.
Новата Национална арена (во Тирана или Елбасан) ќе биде изградена по повод 100-годишнината од независноста на Албанија и, според проектот, треба да биде еден од најмодерните стадиони во регионот. Комплетното финансирање на проектот ќе биде на Владата на Република Албанија, а стадионот ќе се гради на површина од 36.000 м2.
Стадионскиот комплекс ќе биде на вкупна површна од 43.000 м2, од кои 25.000 м2 ќе бидат наменети за стадионот, 10.000 м2 за административен простор, 8.000 м2 за комерцијални објекти и просторно уредување. Дизајнот на стадионот е од УЕФА 4-та категорија и е предвиден да се изгради во помирните делови на Тирана или Елбасан.
Новиот капацитет на Националната арена на Албанија ќе биде 33.825 места. Првично се очекуваше и Албанската фудбалска федерација да учествува со 75% во изградбата на стадионот, а само 25% да ѝ припаднат на Владата, но последните информации велат дека државата влегува со 100% инвестиција. Планираните трошоци за изградба на стадионот се движат околу 60 милиони евра.
ФАКТИ ЗА НАЦИОНАЛНА АРЕНА – Тирана, Албанија
Капацитет: 33.825 места
Цена на изградба: 60 милиони евра
Дополнителни објекти: административен простор и комерцијални објекти.
Период на изградба: 2014 – 2018
Дизајн: MANICA Architecture and Progetto CMR