Турската компанија „Аксо енерџи“ и италијанската „ЦПЛ Kонкордија“, кои се пријавија на тендерот за гасификација на Скопје, го поминаа филтерот на проверка дали ги исполнуваат бараните критериуми, пишува Дневник. Двете компании ќе се натпреваруваат за добивање на договорот за јавно-приватно партнерство со државата за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем за пренос на природен гас во Скопскиот регион. Се претпоставува дека строгите критериуми што беа поставени во јавниот повик беа причина што дел од компаниите што ја подигнаа тендерската документација не се пријавија, бидејќи не исполнуваа некој од условите.
„Аксо енерџи“ е инаку најголем приватен дистрибутер на природен гас во Турција, која во својот состав има 20 одделни дистрибуции на гас и над половина милион корисници. Таа е и дистрибутер на електрична енергија и е најголем независен производител на струја во својата земја, а, меѓу другото, е еден од сопствениците на ветерната електрана во Турција со вкупна инсталирана моќност од 131 мегават.
Италијанската „ЦПЛ Kонкордија“, пак, е мултинационална групација, која работи во Италија и во странство и има 1.600 вработени и околу 80 компании и претставништва. Годишно дистрибуира 45 милиони кубни метри природен и течен гас во 135 града и општини, односно има 185.000 корисници.