Насловна / Архитектура / Кој е без квадратен метар на диво, прв нека фрли камен!

Кој е без квадратен метар на диво, прв нека фрли камен!

ОН-Хабитат е програма на Обединетите нации која е насочена кон подобра урбана иднина. Нивната мисија е да промовира развој на социјални и еколошки одржливи населби и постигнување соодветно засолниште за сите.

COVID-19 Prevention in Slums

Тие велат дека градовите се соочуваат со невидени демографски, еколошки, економски, социјални и просторни предизвици. Постои огромно поместување кон урбанизацијата, се очекува секој шести од 10 луѓе во светот да живее во урбани области до 2030 година. Над 90 отсто од овој раст ќе се случи во Африка, Азија, Јужна Америка и на Карибите. Во отсуство на ефективно урбанистичко планирање, последиците од оваа брза урбанизација ќе бидат драматични.

1_resize

Легализацијата на дивата градба е активност на формализирање неформална градба, која не треба да се нарекува дивоградба бидејќи тоа е дискриминирачки поим, сметаат од ОН-Хабитат. Тие го следат и насочуваат решавањето на неформалните населби со цел да се избегнат повредите на човековите права на нивните жители. Според ООН, над милијарда луѓе во светот живеат во нелегални домови. Многу милионски градови ширум светот имаат повеќе нелегални куќи и станови отколку оние со дозволи, така што ова е огромен глобален проблем. Многуслојноста и крутоста на законите и регулативите ги принудуваат граѓаните да следат неформални патишта во трансакциите со земјиштето и имотот, така што урбаната правна неформалност станува норма.

COVID-19 Prevention in Slums

Кај нас повторно и повторно се пролонгира Закон за утврдување правен статус на бесправно изгрaдените објекти. Новиот Предлог -закон е веќе во собраниска процедура по предлог на локалните самоуправи. Секој министер за транспорт и врски дава нова шанса на легализација на дивоградби продолжувајќи го рокот. Да потенцирам, не само рокот за поднесување документи, туку и рокот за нелегално изградени објекти. Кога прв пат се донесе законот се однесуваше на објекти изградени до март 2011 година, а сега се однесува на објекти изградени до 1 октомври 2019 година. Што значи дека и покрај закон и наредните 8 години се дивеело со градењето. Ќе си помисли човек, претходниот министер беше правник, па веројатно разбирал, како што велат правниците „толкување на правото“, но не и урбанизам, сегашниов е архитект, па би требало да му биде јасно дека просторот е неповратлив ресурс.

dogradbi-nadgradbi12_resize

И да нема забуни и некој си помисли дека, ете и Обединетите нации се борат за легализација и за кров над глава за сите луѓе. Тоа го прават во неразвиените земји, места каде нема ни вода, ни пат, ни храна, ни лекар, каде има големи миграции кон градовите.  Ние сме земја која сè од ова има и која беше урбанизирана. А кога ОН велат дека дивоградба е дискриминирачки поим, мислат на правото на секого на дом и создавање услови за планирање на просторот.

Од 2011 година кога почна процесот, досега се легализирани 256.264 бесправно изградени објекти, а во роковите кои беа два пати продолжувани поднесени се 430.000 барања. Тоа се 656.246 објекти (за кои се знае)! Да се замислиме легална ли ни е државава!?

IMG_20210317_162754_resize

Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2019 година, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани 866 бесправно изградени објекти.

Според видот на објектот, бесправно се изградени 160 објекти за домување (18,5 %), 94 доградби, надградби и адаптации (10,9 %), 55 деловни објекти (6,4 %), 64 гаражи (7,4 %), 196 огради (22,6 %), 14 скалила (1,6 %), 27 тераси (3,1 %), 46 летни тераси (5,3 %), 92 настрешници (10,6 %), 14 времени објекти (1,6 %) и 104 помошни објекти (12,0 %).

Најголем број бесправно изградени објекти (98,4 %) се во приватна сопственост. Ова е она што е констатирано, а она незаведеното никој не го знае.

Бесправната градба урбанистички ја унакази државата. Но, доколку некој ги сруши сите градби изградени без дозвола, тоа би бил урбанистички масакр.

Нема влада која би се осмелила да нареди рушење на толку многу објекти, кои за луѓето претставуваат дом или место каде заработуваат за живот. Не само што ќе треба да се срушат поединечни објекти, туку некаде ќе треба да се срамнат со земја цели населби. Влада која ова би го направила, рушењето би ја чинело власт.

All-focus

Проблемот не би постоел, барем не би бил во вакви застрашувачки размери, да не одлучеше државата да купува социјален мир. Гледа низ прсти на осиромашениот народ кој сака да се вдоми, а државата не сака да ги иритира граѓаните, бидејќи секогаш доаѓаат некои нови избори. Станува збор за еден вид корупција, поткупување на народот, не во материјална смисла, туку тоа е порака „нема да ве рушиме, гласајте за нас“.

Голем дел од дивоградбите се размножија затоа што луѓето се премногу сиромашни да градат по прописи, но испаѓа дека и државата е сиромашна и немоќна да се справи со проблемот. Луѓето кои градат на диво на периферијата на градот и можам да ги разберам. Но, не и оние кои во урбанизираните делови на градот, таму каде на пример е дозволено приземје, четири ката и поткровје, градат пет ката и дупло поткровје, таму каде градат високи кровови (4,5 метра од венец до слеме, рака на срце ДУП-овите предвидуваат) за да поткровниот стан добие соба во кровот, таму каде затвораат тераси, надградуваат згради, затвораат пасажи, тремови, дворови на кафеани со најлони, за потоа да ги застаклат, а на крај заѕидаат, паркинг-места во гаражи претвораат во магацини, работилници. И наместо општините ова да го исечат во корен, дозволуваат дивеењето да цвета, стално жалејќи се дека има недостаток од градежни инспектори. Дивата градба е последица на спрегата на власта, сопствениците и инвеститорите.

IMG_20210317_162701_resize

За оние првите, кои можам да ги разберам, кога веќе државата ги легализира, треба да вложи средства, да ги унапреди тие нелегални населби и да им донесе инфраструктура и други содржини (градинки, училишта, здравствени домови), за најсиромашните (за да не продолжи нелегалното градење), да обезбеди социјални станови. Затоа што државата средствата од надоместокот за утврдување правен статус на сите видови бесправни објекти ги распределува во сооднос 60 % за градот Скопје и 40 % за единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е изграден бесправниот објект.

Државата мора да обезбеди зонирање на целата територија, планови за регулација, односно каде што може да се прави. И со овој закон е нејасно како тоа „може“ потребни документи за легализација да бидат уверение за државјанство или копија од лична карта, копија од пасош за странско физичко лице, доказ за приклучок на комунална инфраструктура (сметка за струја, вода), геодетски елаборат за утврдување фактичка состојба на бесправен објект со имотен лист за земјиштето, а без техничка документација. Под техничка документација се подразбира геодетски елаборат со информации за нивелација на парцелата и околните парцели,  архитектура; проект на изведена состојба, конструкција;  анализа на конструкцијата изработена од градежен инженер за механичка и сеизмичка стабилност на објектот; шема на инсталациите и приклучување на надворешната мрежа и сè ова изработено од овластени инженери.

dogradbi-nadgradbi11_resize

А оние вторите, кои не ги разбирам слатко ни се смеат. Тие ја исмејуваат правната држава, бидејќи на граѓаните им се испраќа порака дека се исплатува непочитување на законите, наместо да се воведат драконски казни со кои во иднина ќе се обесхрабрат да прават соби во кров и кујни на балкон и да градат повеќе од дозволеното со и од онака катастрофалното урбанистичко планирање. Легализацијата не смее да биде општа наплатна амнестија.

Topansko Pole 4_resize

Собранието ќе го дискутира законот, повторно, а не така одамна тоа го правеше повеќе пати. Претходните закони кои беа донесени не ја променија волјата на нелегалните градители, напротив ја стимулираа да го легализира своето градителско дело, па така само се продолжува и рокот и нелегалното градење.

Оние што легално граделе, што живеат во своите недвижности онакви какви што ги проектирале архитекти, без притоа да украдат квадрат повеќе, плаќале даноци, вода, струја, проекти, поминувале време по институции за чесно да дојдат до сите потребни дозволи, гледаат збунето и веројатно имаат проблем со капите бидејќи им растат рогови.

Јасно е дека законот ќе се донесе, ќе се нашминка со некои измени, ќе поглуми демократија, ќе нè тешат дека комуналиите сега ќе бидат 50 отсто повисоки од пропишаните за оние кои нелегално граделе, но суштината нема да се смени. Граѓаните ќе бидат поделени на две класи во ова бескласно општество, едните ќе бидат наградени затоа што го кршеле законот, а оние другите ќе треба да си купат поголеми капи. А просторот, па просторот секогаш е неповратен.

Кој е без квадратен метар на диво, прв нека фрли камен!

4H5A1418_resize

* * * * * 

И спомениците на Скопје 2014 се дивоградби

Во Елаборатите за неколку споменици, дел од т.н. „Проект Скопје 2014“, кои ги изработи Работната група формирана од Министерството за култура за сите забелешките се заеднички: ги кршат уставните одредби, кршат повеќе закони, како  Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, Законот за буџет, за градење, за просторно и урбанистичко планирање, за јавни набавки. Елаборатите се предадени на министерството и информациите доставени до Владата, која во своето Мислење за предлог ДУП-от Мал Ринг ги вгради и ги даде во рамки на јавната анкета. Според ова се очекува, во финалниот предлог-план да се третираат сите овие објекти како криминални дивоградби. Но, нејасни ми се две работи. Прво, зошто во предлог- законот не се наведе посебен член како ќе се третираат овие дивоградби и зошто? Второ, дали овие објекти според овој Закон можат да се легализираат? И бидејќи никој веќе не ги споменува и не постапува, може ли утре кога ќе се смени власта, некоја друга власт, што постапува, да ги легализира? И така, и со нив да си живееме среќно до крајот на животот, како и со останатите објекти кои се легализирале, а исто така кршеле одредби, закони, планови.

Испрати коментар

Scroll To Top