Климатскиот самит COP27, кој минатата година се одржа во Египет, поточно во Шарм Ел Шеик, во периодот од 6-ти до 18-ти ноември, ќе се памети по историскиот договор за „загуба и штета“ (loss and damage), со којшто би требало да се обезбеди финансирање на сиромашните земји најпогодени од последиците од климатските промени.
COP 27 собра повеќе од 45.000 учесници за да споделат идеи, решенија и да градат партнерства и коалиции. Официјалните претставници на држави, локалните заедници, градовите и граѓанското општество, вклучително и младите и децата, покажаа како на различни нивоа се справуваат со климатските промени и споделија како тоа влијае на нивните животи и на целата заедница. Особено на младите луѓе им беше дадено поголемо внимание на овој климатски самит, при што извршниот секретар на ОН за климатски промени вети дека ќе ги повика владите не само да ги слушаат решенијата што ги предлагаат младите, туку да ги вклучат тие решенија во донесувањето одлуки и креирањето политики. Младите беа слушнати преку првиот од ваков вид павилјон за деца и млади, како и на првиот Климатски форум предводен од младите.
Паралелно со формалните преговори, просторот за глобална климатска акција на COP27 обезбеди платформа за владите, бизнисите и граѓанското општество да соработуваат и да ги покажат своите климатски решенија во реалниот свет. Двонеделната програма понуди повеќе од 50 настани. Ова вклучуваше и голем број главни иницијативи предводени од најранливиот континент – Африка, за намалување на емисиите и изградба на климатска отпорност, како и значајни активности на мобилизација на финансиите. Од друга страна, беше изразена сериозна загриженост дека целта на развиените земји заеднички да мобилизираат 100 милијарди американски долари годишно до 2020 година сè уште не е исполнета, при што развиените земји се повикани да ја исполнат целта, а мултилатералните банки за развој и меѓународните финансиски институции се повикани да мобилизираат финансии за заштита на климата. Резиме на некои од клучните придобивки на COP27 се дадени во продолжение.
Технологија. COP27 го претстави лансирањето на нова петгодишна програма за промовирање решенија за нови нискојаглеродни и/или климатски неутрални технологии во земјите во развој.
Ублажување на климатските промени. COP27 значително ја унапреди работата во областа на ублажувањето на климатските промени. Во Шарм Ел Шеик беше започната работна програма за ублажување, чија цел е итно зголемување на амбициите за ублажување и на ефикасноста во нивната имплементација. Работната програма ќе започне веднаш по COP27 и ќе продолжи до 2030 година, со најмалку два глобални дијалози одржувани секоја година. Од владите, исто така, беше побарано да ги разгледаат и зајакнат целите за 2030 година во нивните национални климатски планови до крајот на 2023 година, како и да ги забрзаат напорите за постепено укинување на производството на енергија од јаглен и постепено укинување на неефикасните субвенции за фосилни горива.
Текстот на донесената одлука укажува дека актуелната глобална енергетска криза ја нагласува итноста за брзо трансформирање на енергетските системи, со цел тие да бидат побезбедни, сигурни и поотпорни, преку забрзување на чистата и правична транзиција кон обновлива енергија во текот на оваа критична деценија за дејствување.
„Загуба и штета“ (Loss and damage). Земјите во развој веќе долго време бараат финансиска помош за „загуба и штета“ – пари потребни за обнова на физичката и социјалната инфраструктура на земјите уништени од екстремните временски услови. Поточно, на ваков вид на помош се повикува речиси три децении. Конечното постигнување на договор за формирање фонд за оваа намена е само по себе голема пресвртница. Но, сега доаѓа тешкиот дел – обезбедување финансии за непречено и долгорочно функционирање на фондот. Првиот чекор е направен – G7 и V20 (the Vulnerable Twenty – „дваесетте ранливи“) го стартуваа т.н. Global Shield against Climate Risks, со почетно финансирање од 200 милиони американски долари. Имплементацијата на најитните мерки ќе започне веднаш во оние земји кои се најранливи. Објавувајќи нови финансирања од вкупно 105,6 милиони американски долари, Данска, Финска, Германија, Ирска, Словенија, Шведска, Швајцарија и Валонскиот Регион на Белгија, ја истакнаа потребата од уште поголема поддршка за Глобалниот еколошки фонд, со цел инвестирање во проекти за климатска адаптација на државите со ниски приходи.
1,5 °C. Парискиот договор од 2015 година содржеше две температурни цели – да се задржи порастот „до 2 Целзиусови степени“ над прединдустриските нивоа и „да се продолжи со напорите“ зголемувањето да се задржи на 1,5 Целзиусови степени. Оттогаш, науката јасно покажа дека лимитот од 2 °C не е безбеден, така што на COP 26 во Глазгов минатата година земјите се согласија да се фокусираат на ограничување од 1,5 степени Целзиусови. Од друга страна, преземените обврски од страна на земјите за намалување на емисиите на стакленички гасови беа премногу слаби за да овозможат останување во рамките на границата од 1,5 степени Целзиусови. На COP 27, некои земји се обидоа да се откажат од целта од 1,5 степени Целзиусови, но немаа успех во таа своја намера, иако за жал беше повлечена резолуцијата за достигнување на максимумот на емисиите до 2025 година.
Природен гас. Конечниот текст на COP 27 содржи одредба за зајакнување на капацитетите за производство на енергија од извори со „ниски емисии“. Се разбира тоа првенствено се однесува на развивање на енергијата од обновливи извори – ветерни фарми и соларни електрани, но и своевидна ренесанса за нуклеарната енергетика, како и електрани на јаглен опремени со системи за зафаќање и складирање јаглерод (carbon capture and storage). Овде се поставува прашањето и на природниот гас, како гориво кое е фосилно, но сепак има неколкукратно помал импакт врз климата во споредба со другите фосилни горива. Многу земји во COP 27, особено оние од Африка со големи резерви за експлоатација на природен гас, дојдоа во Шарм Ел Шеик со надеж дека ќе склучат профитабилни договори за гас. Сепак, улогата на гасот во енергетската транзиција останува и натаму да се дискутира во експертските кругови – дали може да се смета како гориво кое на краток и среден рок ќе помогне во транзицијата кон климатска неутралност, или пак неговата понатамошна употреба го кочи овој процес на сметка на побавниот развој на обновливите извори?
Други фосилни горива. Минатата година во Глазгов беше договорена заложба за постепено укинување на употребата на јаглен. Тоа беше за првпат во историјата на климатските конференции, резолуција за фосилните горива да биде вклучена во финалниот документ од самитот. На COP 27, некои земји предводени од Индија, сакаа да одат подалеку и да вклучат и обврска за постепено укинување на сите фосилни горива. Тоа беше предмет на интензивни расправи, но на крајот овој предлог не успеа и вклучената резолуција беше иста како онаа во Глазгов.
Реформа на Светска банка. Сè поголем број развиени земји и земји во развој бараат итни промени во начинот на функционирање на Светската банка и на другите меѓународни финансиски институции, за кои велат дека не успеале да ги обезбедат потребните средства за да им помогнат на сиромашните земји да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се адаптираат на влијанијата на климатската криза. Ваквата реформа која беше широко дискутирана на COP 27 би можела да вклучи докапитализација на развојните банки за да им се овозможи да обезбедат многу поголема помош за земјите во развој.
Адаптација на климатските промени. Изградбата на инфраструктура за заштита од поплави, зачувување на мочуриштата, зачувување на шумите и пошумување, како и многу други мерки, може да им помогнат на земјите да станат поотпорни на последиците од климатските промени. Но, сиромашните земји често се во позиција да се борат да добијат средства за реализација на ваквите мерки. Од 100 милијарди долари годишно што богатите земји ветија дека ќе ги издвојуваат за посиромашните земји од 2020 година (ветување што сè уште не е исполнето), само околу 20 милијарди долари одат за имплементација на мерки за адаптација. Сепак, на COP27 уште еднаш е потврдена оваа обврска на развиените земји, надградена со заложбата за основање фонд за „загуба и штета“.
И на крајот, наместо резиме, само констатација дека како и многупати досега согласност е постигната барем на хартија, а што се однесува до имплементацијата веројатно повторно оние кои ќе треба да го понесат најголемиот товар и најголемата одговорност нема да останат сосема доследни. Дали повторно ќе сведочиме на прекршени ветувања?